Mustapha Dalaa
15 Септември 2023•Ажурирај: 17 Септември 2023
ИСТАНБУЛ (АА)
Најмалку 8 отсто од жителите на источниот либиски град Дерна го загубија животот или исчезнаа, а четвртина од населбите на градот се избришани од картата од катастрофалните поплави кои ја опустошија земјата, пишува Анадолу.
Поплавите предизвикани од бурата „Даниел“ се досега невидени во регионот на Магреб, арапскиот свет, па дури и на глобално ниво во 21 век.
Најмалку 6.000 луѓе загинаа, а илјадници се водат како исчезнати поради поплавите кои ја зафатија источна Либија викендов, според последните официјални податоци.
Поројните дождови зафатија неколку региони, а особено градовите Дерна, Бенгази, Ал-Бајда, Ал-Марџ и Соуса.
- Полоши од поплавите во Алжир
Големите поплави во Баб ел Оед во главниот град на Алжир ги однесоа животите на околу 800 луѓе во 2001 година, во градот со околу 4 милиони жители.
Поплавите во Баб ел Оед се водеа како најголема трагедија во регионот на Магреб. Сепак, тие се едвај споредливи со размерите на катастрофата во Дерна, Либија.
- Најкатастрофални поплави во 21 век
Во 2013 година, северната индиска држава Утараханд беше зафатена од поплави во кои загинаа 5.700 луѓе.
Населението на Утараханд во тоа време броеше над 10 милиони, 50 пати повеќе од населението на Дерна.
Поплавите во Пакистан во 2022 година зад себе оставија 1.128 загинати, големи разорувања на инфраструктурата и економијата на земјата.
Разорни поплави се случија и во 2010 година во Пакистан, во кои животот го изгубија 1.600 лица.
Излевањето на реката Јангцекјанг во Кина во 1931 година остави зад себе меѓу 2 и 4 милиони мртви поради гладта и болестите кои се проширија како последица на поплавите.
- Најтешка катастрофа во историјата на Дерна
Дерна е географски опкружена со ридовите на Зелената Планина и Средоземното Море, а е поделена со долината Дерна.
Пристанишниот град беше сведок на голема поплава во 1941 година за време на Втората светска војна, кога беше под контрола на германските сили.
Нема податоци за загинати, освен за германски тенкови однесени во морето.
Во 1959 година, во Дерна се случила уште една поплава, која оставила стотици мртви и ранети, според либискиот историчар Фараџ Дауд ал Дарнави.
Во 1961 година, властите во Дерна изградија агрегатна брана со средна големина со висина од 40 метри со цел да ги задржи водите, и да се заштити подрачјето од поплави. Браната придонесе за заштита на градот од поплави во 1968 и 1969 година.
За време на владеењето на Моамер Гадафи (1969-2011), на браната ѝ е направено одржување во 1977 година, повторно во 1986 година, а друга брана беше изградена во долината за да се зајакне заштитата на градот од поплави.
Во 2011 година, градот беше сведок на уште една поплава, но двете брани го заштитија градот и го ублажија влијанието на пороите.
- Војни
По падот на либискиот лидер Моамер Гадафи во 2011 година, Дерна се соочи со политичка изолација, и беше контролирана од неколку екстремистички групи.
Терористичката организација ДЕАШ се обиде да ја преземе контролата врз градот во периодот од 2014 до 2015 година, на што се спротивстави алијансата на вооружени групи во градот, кои успеаја да ја поразат терористичката организација.
Градот беше додатно изолиран кога силите на Калифа Хафтар со седиште во Источна Либија извршија опсада на Дерна од 2016 година и успеаја да го заземат градот во 2018 година.