Ekipa
13 Септември 2021•Ажурирај: 15 Септември 2021
КУДС (АА) - Судењето на поранешниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху под обвиненија за корупција продолжи денес во Ерусалим (Кудс) по тримесечна пауза, јавува Агенција Анадолија (АА).
Судската сесија е прва откако Нетанјаху стана лидер на опозицијата, и петта откако правниот советник на Владата, Авичаи Манделблит, поднесе обвинение против него во јануари 2020 година за корупција, измама и прекршување на довербата.
„Судењето за Бенјамин Нетанјаху продолжи утрово во Окружниот суд во Ерусалим и се одржа без негово присуство“, објави израелскиот „Канал 13“.
Првата и втората судска сесија против Нетанјаху се одржаа во мај и јули 2020 година, додека третата и четвртата сесија се одржаа во април и јуни оваа година.
Судот ќе го сослуша сведочењето на поранешниот извршен директор на израелската веб-страница за вести, Илан Јешуа, за време на денешната сесија.
Јешуа е „најбитен сведок во Случајот 4000, во кој се тврди дека Нетанјаху ги злоупотребил своите овластувања како премиер и министер за комуникации од 2014 до 2017 година“, пишува весникот „Тајмс оф Израел“ (Times of Israel).
Нетанјаху се товари дека ја искористил својата позиција со цел противзаконски да ги реализира бизнис интересите на Шаул Елович, главен акционер во телекомуникациската компанија „Безек“.
Во замена, Елович, наводно, му обезбедил на Нетанјаху и на неговото семејство позитивно покривање преку веб-страницата за вести во сопственост на Елович, дозволувајќи им на соработниците на Нетанјаху, како тогашен премиер, и членовите на семејството да ја диктираат уредувачката содржина и политика на редовна основа.
Тримесечната пауза во судењето дојде по барањата на обвинителите за повеќе време за доставување на сите потребни материјали.