Amir Latif Arain
21 Септември 2023•Ажурирај: 21 Септември 2023
КАРАЧИ (АА) - Изборната комисија на Пакистан (ЕКП) денес соопшти дека општите избори во земјата ќе се одржат во јануари следната година, јавува Анадолу.
Во соопштението се наведува дека изборите ќе се одржат во последната недела на јануари. Сепак, не беше даден конкретен датум.
Околу 127 милиони гласачи имаат право да гласаат за избор на нова влада со мандат од пет години.
Долниот дом на пакистанскиот Парламент беше распуштен на 9 август, а јужноазиската нуклеарна сила моментно е предводена од влада што ја води вршителот на должноста премиер Анварул Хак Какар.
Пакистанскиот претседател Ариф Алви го распушти Националното собрание по совет на премиерот во заминување Шехбаз Шариф, отворајќи го патот за општи избори во рок од 90 дена, како што налага Уставот.
Сепак, Советот за заеднички интереси, уставно тело составено од премиерите и главните министри на сите покраини, ги одобри контроверзните резултати од новиот попис на населението минатиот месец, што доведе до тоа изборите да не се одржат според предвиденото.
Поради забрзаното одобрување, на Изборната комисија ќе ѝ требаат уште најмалку четири месеци за да ги усогласи избирачките списоци со последниот попис.
Владата во заминување, со измена на изборните правила во јуни, ја овласти Изборната комисија на Пакистан самостојно да го објави датумот на изборите.