Agim Sulaj
14 Февруари 2021•Ажурирај: 14 Февруари 2021
ПРИШТИНА
Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) соопшти дека на сите гласачки места низ земјата до 11 часот гласале 8,3 отсто од гласачите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Претседателката на ЦИК, Валдете Дака, на прес-конференција нагласи дека досега не добиле пријава за инциденти што може да му наштетат на интегритетот на изборниот ден.
„Врз основа на податоците на гласачките центри, до 11 часот гласале 8,3 отсто од гласачите, односно 145.650 од вкупно 1.794.862 гласачи“, рече Валдете.
Таа потсети дека до истиот час на предвремените парламентарни избори во 2019 година гласале 9,6 отсто од гласачите, односно 174.669 од вкупно 1.937.868 гласачи што биле регистрирани во тој период.
- Предвремени парламентарни избори во Косово
Низ Косово утрово во 7 часот се отворени гласачките места на предвремените парламентарни избори, а граѓаните со право на глас ќе можат да гласаат до 19 часот.
Се гласа според мерките пропишани за спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19), задолжително е носење маски и употреба на средствата за дезинфекција на рацете. Ангажирани се и преку 1.000 мобилни тимови за гласачите што се во самоизолација поради Ковид-19.
Се гласа во 888 гласачки центри, во кои има 2.392 гласачки места. Право на глас во рамките на Косово имаат 1.794.862 гласачи, како и околу 100.000 гласачи пријавени од странство.
На предвремените парламентарни избори за Собранието на Косово се натпреваруваат 28 политички субјекти, од кои 21 политичка партија, две коалиции и 5 граѓански иницијативи. За едно од 120 пратенички места во косовскиот Парламент се пријавија вкупно 1.052 кандидати.
Од 120 места, 20 се резервирани за немнозинските заедници, 10 за српската и 10 за останатите заедници: 3 за Бошњаците, 2 за Турците, 4 за Ромите, Египќаните и Ашкалиите и едно за Горанците.
Последните парламентарни избори, кои исто така беа предвремени, одржани се на 6 октомври 2019 година.
Овие предвремени избори се петти парламентарни избори од прогласувањето на независноста во 2008 година, а Косово ќе добие шеста влада.