Ekip
17 Јануари 2020•Ажурирај: 19 Јануари 2020
ПАРИЗ (AA) - Парискиот музеј „Лувр“ е затворен бидејќи десетици демонстранти го блокираа влезот за да се спротивстават на плановите од Владата на Франција за реформа на пензискиот систем, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Изложбата на Леонардо да Винчи, по повод одбележувањето 500 години од смртта на италијанскиот уметник, која е изложена во „Лувр“, исто така е затворена.
Неколку десетици демонстранти, меѓу кои и неколку вработени во „Лувр“, организираа протести откако одредени работнички синдикати се спротивставија на планираните промени за пензискиот систем на претседателот Емануел Макрон, за кои тврдат дека ќе доведат до „намалување на пензиите за сите категории“.
„Лувр“ и изложбата на Да Винчи прв пат се затворени од почетокот на протестите од 5 декември.
Поради штрајковите и протестите, кои траат со недели, доведени се во прашање функционирањето на јавниот превоз и наставата во училиштата, како и работата во болниците, концертните сали, па дури и во оперските куќи и Ајфеловата кула.
Иако бројот на работниците што штрајкуваат се намали, денес дојде до нарушување во распоредот на возниот ред на националната железница, како и на метрото во Париз.