Ecenur Çolak
16 Мај 2018•Ажурирај: 19 Мај 2018
ВАТИКАН (АА) - Папата Франциско изрази тага за жртвите и повредените во масакрот на Израел во Газа, изјавувајќи: „Ја изразувам мојата длабока болка за мртвите и повредените и упатувам молитва и љубов кон сите оние коишто страдаат. Уште еднаш повторувам дека насилството никогаш не води кон мир“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста објавена на официјалната Новинска агенција на Ватикан, „Ватикан њуз“, папата Франциско, во своето денешно обраќање упати апел за ставање крај на тензиите во светите територии и започнување на дијалогот.
„Исклучително сум загрижен поради зголемената тензија во Средниот Исток и во светите територии, и поради спиралата на насилство која сè повеќе и повеќе создава растојание на патот кон мир, дијалог и преговори. Ја изразувам мојата голема болка за мртвите и повредените и упатувам молитва и љубов кон сите оние коишто страдаат. Уште еднаш повторувам дека насилството никогаш не води кон мир“, нагласи папата во врска со масакрот на Израел во Газа.
Според папата, војната раѓа војна, и насилството раѓа насилство. „Ги повикувам сите страни и меѓународната заедница да ги удвојуваат напорите за да преовлада дијалогот, мирот и правдата“, додаде тој.