Barış Seçkin
07 Јуни 2021•Ажурирај: 10 Јуни 2021
ВАТИКАН (АА) - Папата Франциск изрази жалење во врска со откривањето на посмртните останки на 215 деца во необележани гробници во некогашно католичко училиште за домородни ученици во Канада, но не се извини за улогата на Црквата во системот на резиденцијални училишта во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Папата изрази жалење за време на обраќањето до верниците и посетителите што се собраа на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан за неговиот неделен благослов.
„Со болка ја следам веста што пристигнува од Канада за вознемирувачкото откривање на посмртните останки на 215 деца“, рече тој.
„Јас се придружувам на канадските бискупи и целата Католичка црква во Канада во изразувањето на мојата блискост со канадскиот народ трауматизиран од шокантната вест.“
„Ова тажно откритие додава кон свесноста за тагите и страдањата од минатото“, додаде папата Франциск.
Во петокот, канадскиот премиер Џастин Трудо апелираше до канадските католици да бараат Католичката црква да се извини за нејзината улога во канадскиот резиденцијален училиштен систем и да ги направи јавни училишните записи.
Трудо повика на делување по откривањето на телата на децата во поранешното индијанско резиденцијално училиште „Камлоупс“. Црквата го водеше училиштето од 1890 до 1969 година, кога го презеде Федералната влада, откога функционираше како училиште со дневен престој до неговото затворање во 1978 година. Тоа беше едно од 139 училишта од ваков тип во Канада.
Околу 150.000 домородни деца биле одземени од нивните семејства и однесени присилно во интернати на почетокот на 1820-тите. Значителен број претрпеа физичко, психолошко и сексуално злоупотребување. Се проценува дека најмалку 4.000 починале и многу се закопани во необележани гробници.
Но, рацете на канадската Влада не се целосно чисти кога станува збор за архивите од овие резиденцијални училишта. Во периодот од 1936 и 1944 година се проценува дека Владата уништила околу 15 тони документи поврзани со овие училишта, меѓу кои и околу 200.000 досиеја за работи поврзани со домородните Индијанци, објави „Си-ти-ви њуз“ (CTV News).
Други цркви се извинија за раководењето со некои од овие училишта, меѓу кои и Обединетата црква на Канада, Презвитеријанската црква и Англиканската црква на Канада.