Murat Özgür Güvendik
07 Јуни 2021•Ажурирај: 08 Јуни 2021
ЈОХАНЕСБУРГ (АА) - Владата на јужноафриканската земја Намибија објави дека не го сметаат за задоволителен „пакетот за компензација“ што го понуди Германија во врска со геноцидот извршен во Намибија во периодот од 1904 до 1908 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Потпретседателот на Намибија, Нанголо Мбумба, преку соопштение истакна дека германскиот „пакет за компензација“ од 1,1 милијарда евра, именуван и како „пакет за финансиски развој“, не е доволен, но дека можат да го прифатат извинувањето на Германија.
Мбумба посочи дека оваа предложена сума не го нуди очекуваниот резултат за отворање нова страница меѓу Намибија и Германија и ѝ предложи на Германија да ја разгледа висината на надоместокот.
Осврнувајќи се на лицата што ги загубија своите животи во геноцидот извршен во Намибија, Мбумба рече: „Ниту една сума во која било валута не е доволна за вистински да се надомести изгубениот човечки живот.“
Се забележува дека фондот за кој Германија во текстовите на договорот инсистира да се нарекува „пакет за финансиски развој“, од страна на Намибија е дефиниран како „пакет за компензација“.
Министерот за надворешни работи на Германија, Хеико Мас, на 28 мај изјави дека неговата земја ги смета за „геноцид“ злосторствата извршени врз народите Хереро и Нама во Намибија и соопшти дека како гест на добра волја, ќе се формира фонд за поддршка од 1,1 милијарда евра што на потомците на жртвите ќе им се исплаќа во рок од 30 години.
Овој предлог наиде на реакција од народите Хереро и Нама кои беа жртви на геноцидот.
За предлогот на Германија ќе се дискутира во намибискиот Парламент оваа недела.
- Намибиски геноцид -
Германските колонијални сили го извршија геноцидот во Намибија врз автохтоните народи Хереро и Нама во периодот од 1904 до 1908 година.
Во геноцидот во кој цел беа народите што им се спротивставуваа на колонијалистите, животот го загубија најмалку 65.000 припадници од народот Хероро и 10.000 од Нама.
Како резултат на геноцидот, народот Хероро загуби најмалку 70% од своето население, а народот Нама најмалку 50%.