Aida Cako
22 Јануари 2025•Ажурирај: 23 Јануари 2025
ГАЗА (АА) – Денес Палестинците се собраа во Големата Омари џамија во Газа за да го исчистат и обноват ова значително оштетено место за богослужба, јавува Анадолу.
Џамијата, која некогаш зафаќаше површина од околу 1.100 квадратни метри, сега има само 300 квадратни метри употреблив простор поради огромната штета предизвикана од израелските напади.
Примирјето во Газа стапи на сила во неделата, со што е прекината израелската геноцидна војна во која од 7 октомври 2023 година досега се убиени најмалку 47.000 Палестинци, главно жени и деца, а ранети се повеќе од 110.700 лица.
Во примирјето, поделено на три фази, се предвидени размена на затвореници и воспоставување траен мир, со цел постигнување долгорочен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од Газа.
Во израелската офанзива исчезнаа повеќе од 11.000 луѓе, а уништувањето и хуманитарната криза во регионот предизвикаа смрт на голем број деца и стари лица.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Исто така, Израел се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за својата војна против Газа.