Aida Cako
13 Март 2025•Ажурирај: 14 Март 2025
БЕИТ ХАНУН (АА) – Палестинците во северниот дел на Појасот Газа започнаа со обработка на пластичен отпад за производство на гориво, во обид да ја ублажат кризата со гориво што ја зафати оваа опколена територија, јавува Анадолу.
Во градот Беит Ханун, локалните жители применуваат специјален метод на согорување на пластиката, при што се издвојува течност што може да се користи како гориво. Добиените деривати, како бензин и дизел, потоа им се нудат на жителите за задоволување на нивните секојдневни потреби.
Долгогодишната блокада на Газа од страна на Израел, заедно со растот на цените на горивото, ги принуди луѓето во регионот да бараат алтернативни решенија.
Покрај тоа што им помага на локалните жители да обезбедат гориво, оваа метода истовремено придонесува и за намалување на отпадот во Газа, каде управувањето со сметот претставува сериозен предизвик.
Соочени со тешките услови и ограничените ресурси, Палестинците продолжуваат да покажуваат иновативност и приспособливост во справувањето со секојдневните предизвици во Појасот Газа.