Qays Abu Samra,Zeynep Hilal Karyağdı
28 Декември 2017•Ажурирај: 29 Декември 2017
РАМАЛА (АА) - Шеснаесетгодишниот Палестинец, Фавзи ел-Џунејди, кого вчера го ослободи израелскиот воен суд, се врати во своето семејство, јавува Anadolu Agency (AA).
Фотографијата на палестинското момче, кое стана симбол на отпорот во Кудс, го обиколи светот и наиде на голем број реакции.
Февзи по ослободувањето за АА изјави дека за време на притворот бил изложен на насилство и злоставување од страна на израелските војници. Тој потсети дека за време на протестите во Хеброн израелските војници интервенирале со солзавец и дека тој се сокрил во дом на познаник. Таму и бил уапсен.
„Војниците почнаа веднаш да ме удираат. Ме удараа по целото тело. Примив удари во глава, стоеја со нозете врз мене. Се плашев. Не разбирав што се случува. Ме врзаа и ме однесоа во затвор. Крварев, и сѐ ме болеше“, раскажа Февзи.
Тој изјави дека го удирале и додека му биле врзани очите, а за време на испрашувањето го полевале со студена вода.
Адвокатот на Џунејди, Фера Дебаисе, за АА потврди дека израелскиот суд одлучил Џунејди да излезе на слобода, по 21 ден поминат во притвор, односно да се одбие барањето на обвинителството за продолжување на притворот. Адвокатот додаде дека Џунејди, на 14 јануари 2018 година, ќе биде изведен повторно пред судот.
Голем број израелски војници на 7 декември го приведоа Февзи ал-Џунејди во градот Хеброн, со превез на очите. Фотографијата на која се гледа како вооружените војници го носат 16-годишното момче го обиколи светот, а младиот Палестинец стана симбол на отпорот.