Ekipa
09 Септември 2020•Ажурирај: 10 Септември 2020
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот министер за надворешни работи, Ријад ал Малики, денеска ги повика арапските земји да го отфрлат контроверзниот договор помеѓу Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Израел за нормализирање на меѓусебните односи, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Го отфрламе потегот на Емиратите за нормализација и се надеваме дека арапските земји нема да го прифатат“, изјави Ал Малики на виртуелниот министерски состанок на Арапската лига.
Високиот палестински дипломат го опиша договорот меѓу ОАЕ и Израел како „земјотрес кој го погодил ставот на Арапите“.
Ал Малики изјави дека Палестина побарала итен состанок на Арапската лига за да се дискутира во врска со договорот за нормализација меѓу ОАЕ и Израел.
„Една арапска држава, сепак, се спротивстави на барањето и побара да разговара за тоа на редовна седница“, рече тој, осврнувајќи се на Бахреин.
На 13 август, ОАЕ и Израел го објавија договорот склучен со посредство на Соединетите Американски Држави (САД) за нормализирање на односите и отворање на амбасади на територијата на двете земји.
Палестинските власти и фракциите на отпорот го осудија договорот, велејќи дека тој не ѝ служи на палестинската кауза и ги игнорира правата на Палестинците.
Палестинските власти соопштија дека секој договор со Израел треба да се заснова на Арапската мировна иницијатива од 2002 година врз принципот „земја за мир“, а не „мир за мир“, како што тврди Израел.