Ekipa
09 Септември 2020•Ажурирај: 11 Септември 2020
ЖЕНЕВА (АА) - Истрагата под мандат на Обединетите нации (ОН) денеска соопшти дека има разумна основа да верува дека групите вклучени во крвавиот шестгодишен конфликт во Јемен извршиле злосторства врз човековите права, вклучително и воени злосторства, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сите страни продолжуваат со необрнување внимание на меѓународното право и животите, достоинството и правата на луѓето во Јемен“, се вели во третиот извештај издаден од Групата на еминентни меѓународни и регионални експерти за Јемен.
Групата нагласи дека владите на Јемен, Саудиска Арабија, ОАЕ и Јужниот транзициски совет се одговорни за прекршување на човековите права како убиства, арбитрарен притвор и сексуално насилство.
Потврдените податоци доведуваат до заклучок дека сегашната јеменска Влада и членови на коалицијата на чело со Саудиска Арабија и ОАЕ, како и Јужниот транзициски совет, извршиле „дела што може да претставуваат воени злосторства“.
Овие дела вклучуваат „убиство на цивили, тортура, суров или нехуман третман, силување и други форми на сексуално насилство, напад врз личното достоинство, негирање на фер судење, како и регрутирање на деца на возраст под 15 години или нивно користење за активно учество во борба.
„Постои можност, членки на коалицијата, особено Саудиска Арабија, да извршиле воздушни напади кршејќи ги принципите на дистинкција, пропорционалност и претпазливост, дела што може да бидат воени злосторства“, велат од групата.
Извештајот препорача конфликтните страни „да се согласат на сеопфатен прекин на непријателствата и да постигнат одржлив и инклузивен мир, преку мировен процес што вклучува целосно вклучување на жени, млади и малцински групи“.
Во него се бара „правда за сите жртви од кршењето на меѓународните човекови права и хуманитарното право“.
Групата експерти го објави својот трет извештај, насловен: „Јемен: Пандемија на неказнетост во измачена земја, за човековите права во воената земја, опфатена со настаните од јули 2019 до јуни 2020 година“.
Експертите ќе го претстават извештајот пред Советот за човекови права на својата 45. седница на 29 септември.
Јемен е средиште на судири и насилства од 2014 година, кога проиранското бунтовничко движење на Хусите ја презеде контролата врз поголемиот дел од земјата, вклучително и главниот град Сана.
Конфликтот ескалираше една година подоцна кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници започнаа воздушни напади против Хусите во Јемен, поддржувајќи ја просаудиската власт.