Bilal Acar
09 Септември 2020•Ажурирај: 10 Септември 2020
ЛОНДОН
Поради зголемената бројка на новозаразени со новиот тип коронавирус (Ковид-19) во последните денови, во Велика Британија е соопштено дека ќе биде забранато собирање на повеќе од 6 лица, известува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението што го даде владината канцеларија, почнувајќи од понеделник, ќе биде донесена нова законска регулатива според која, освен за одредени исклучоци, ќе биде забрането повеќе од 6 лица да бидат на едно место во затворен или во отворен простор.
Покрај тоа, во соопштението се наведува дека местата за богослужба, училиштата, погребните церемонии и свадбите на кои се преземени мерки против Ковид-19 и некои спортски натпревари се изземени од оваа забрана.
Состаноците и средбите кои ги прекршуваат овие забрани ќе можат да бидат растерани од страна на полицијата или пак оние кои не се однесуваат според законските регулативи, во првата фаза ќе бидат казнети со 100 фунти, а доколку прекршокот биде повторен, тогаш прекршителите ќе бидат принудени да платат казна до 3.200 фунти.
Во Велика Британија која е земја со најголем број смртни случаи во Европа предизвикани од Ковид-19, во последниот месец се забележува раст на новозаразени со коронавирусот. Во периодот 27 јуни - 8 август во оваа земја на дневно ниво беа регистрирани помалку од 1.000 новозаразени случаи на Ковид-19, додека оваа бројка во последниот месец се искачи на 1.700 детектирани случаи на заразување со коронавирусот на дневно ниво.