свет

Пакистанскиот претседател Алви: „Ние сакаме мир, но ако Индија нѐ нападне, ќе возвратиме“

Пакистанскиот претседател во изјава за Аnadolu Agency (AA) говореше за предлогот на малезискиот премиер Махатир Мухамед, за соработка меѓу Пакистан, Малезија и Турција, како и за билатералните односи меѓу Турција и Пакистан

Ekipa  | 17.09.2019 - Обновена : 19.09.2019
Пакистанскиот претседател Алви: „Ние сакаме мир, но ако Индија нѐ нападне, ќе возвратиме“

ИСЛАМАБАД (АА) - МЕХМЕТ ОЗТУРК/БЕХЛУЛ ЧЕТИНКАЈА -

Претседателот на Пакистан, Ариф Алви, истакнa дека Индија врши политика на притисок врз малцинствата во земјата и изрази загриженост поради блискоста на индиската Влада со филозофијата на Организацијата на доброволци на Индија (RSS) која, како што рече, има слично мислење со мислењето на Хитлер за етничкото чистење.

„Загрижени сме од блискоста на Владата на [индискиот премиер Нарендра] Моди со филозофијата на Организацијата на доброволци на Индија (RSS), која има слично мислење со мислењето на Хитлер за етничкото чистење, контролирањето на малцинствата и нивното држење под притисок. Се обидува денес 4 милиони муслимани во Џаму и Кашмир и Асам да ги претвори во лица без државјанство“, истакна Алви.

Тој во изјава за Аnadolu Agency (AA) говореше за предлогот на малезискиот премиер Махатир Мухамед, за соработка меѓу Пакистан, Малезија и Турција, како и за билатералните односи меѓу Турција и Пакистан.

Пакистанскиот претседател упати благодарност до турската Влада, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, како и до турскиот народ, бидејќи, како што рече, тие секогаш стоеле на располагање кога Пакистан имал потреба од помош, и затоа што оваа земја имала храбар став што се однесува до прашањето за Кашмир.

Осврнувајќи се на укинувањето на посебниот статус на Кашмир од страна на Индија, Алви потсети дека поранешниот индиски премиер Џавахарлал Нехру се обратил до Обединетите нации и ветил дека до 1960-тите години ќе се изврши плебисцит преку кој ќе се овозможи народот на Кашмир да ја определи својата судбина. Но според него, Нехру потоа се откажал од ова ветување и ги одбил овие дискусии на сите меѓународни форуми.

Алви вели дека Индија моментално ослободителните движење на жителите на Кашмир ги опишува како терористички активности.

Според него, од потпишувањето на Договорот од Симла во 1972 година, Индија не одржала ниту еден состанок во врска со Кашмир, а денес индиската страна вели дека Кашмир е интегрален дел од Индија.

„Загрижени сме од блискоста на Владата на [индискиот премиер Нарендра] Моди со филозофијата на Организацијата на доброволци на Индија (RSS), која има слично мислење со мислењето на Хитлер за етничкото чистење, контролирањето на малцинствата и нивното држење под притисок. Се обидува денес 4 милиони муслимани во Џаму и Кашмир и Асам да ги претвори во лица без државјанство. Иако Обединетите нации (ОН) велат дека никој не може да биде оставен без државјанство, Моди се движи на опасен пат на кој продолжува да ги таргетира малцинствата“, рече Алви.

- „Никој не може да врши притисок врз жителите на Кашмир“ -

Запрашан зошто ОН и големите земји не го решаваат прашањето за Кашмир, и дали смета дека доколку Индија не отстапи од последната одлука, ќе се случи војна меѓу Пакистан и Индија, Алви одговори:

„За прашањето на Кашмир последен пат беше дискутирано во ОН во 1965 година. Сметам дека Моди ова прашање го доведе до ниво на кое ќе реагираат сите земји во светот. Осум милиони лица живеат живот на затвореници, во регионот каде што има забрана за излегување на улица. Индија има едно погрешно мислење, а тоа е дека може да врши притисок врз жителите на Кашмир. Никој не може да врши притисок врз жителите на Кашмир. Кога ја гледаме Палестина, никој не може да ѝ врши притисок. Верувам дека денес-утре ќе се одржи плебисцит во Кашмир.“

Алви рече дека откако пакистанскиот премиер Имран Кан дошол на оваа функција, неколкупати предложил да одржат средба со Индија. „[Кан] Рече дека доколку Индија направи еден чекор, ние ќе направиме два чекора. Индија секојпат го одбиваше овој предлог, и тоа предизвика ние да мислиме дека Индија овие наши предлози ги смета како слабост. Ние сакаме мир не затоа што сме слаби, туку поради тоа што мирот меѓу Индија и Пакистан ќе носи благосостојба. Индија се соочува со голема сиромаштија“, додаде тој.

Откако пакистанскиот претседател беше потсетен дека претходно истакнал оти „муслиманите не сакаат војна, но доколку се принудени, нема да отстапат од војување“, беше запрашан дали со таа изјава сака да истакне дека Пакистан нема да бида таа страна која ќе ја започне војната со Индија.

„Како што вели и нашиот божји пратеник [Мухамед], муслиманите не сакаат војна, но доколку сме принудени, ќе војуваме во рамки на наредбата на Алах, и тоа е џихад. Првин, ние не сакаме војна. Второ, ние сме земји кои поседуваат нуклеарна сила. Прстот на фашистичкиот режим на Моди е над копчето на нуклеарната бомба, и односите се многу затегнати. Во февруари Пакистан им го сруши авионот, додека тие по грешка го погодија својот хеликоптер. Тоа покажува дека се многу опасни нивните прсти кои се наоѓаат над тоа копче. Бидејќи Индија е земја која се однесува неодговорно. Но од друга страна, Пакистан е една нуклеарна сила. Затоа мирот во регионот е многу важен. Исто така, Пакистан е земја која носи одговорност. Откако го фативме пилотот на авионот кој го срушивме, го вративме во неговата земја“, нагласи Алви, додавајќи дека тие како земја сакаат мир, но доколку Индија ги нападне, тие би возратиле.

- „Ердоган е лидер со визија“ -

Што се однесува до предлогот на малезискиот премиер Махатир Мухамед за една заедничка иницијатива меѓу Турција, Малезија и Пакистан, со цел обединување на исламскиот свет, запрашан како претседател на Пакистан каква улога би презел тој за реализирање на овој предлог, Алви нагласи дека тоа е многу важно, и додаде:

„Пред последната средба, јас и [Имран] Кан, во 2011 и во 2012 година се сретнавме со претседателот Ердоган. Сметам дека Ердоган е лидер со визија. Исто така, и премиерите Махатир и Имран Кан се лидери со визија. Овие три земји имаат голема популација и голема демократија. Сметам дека обединувањето на овие три земји е важно од економски аспект. Турција презема значајни чекори против она што се случува на Средниот Исток. Се обидува да обезбеди мир на сириската граница. Кога ќе се постигне мир, на Средниот Исток и во Авганистан ќе има повторно големо структурирање. Затоа сметам дека Турција, Пакистан и Малезија може да играат голема улога не само за мир, туку и во заедничката иницијатива со цел развој во исламскиот свет. Тие се луѓе со принципи, и соработката меѓу нив е важна за исламскиот свет“.

- „Треба да живееме заедно, треба да мислиме заедно, треба да работиме заедно“ -

Запрашан да коментира за односите во иднина меѓу Турција и Пакистан, и во која област треба повеќе да се зајакнат билатералните односи, Алви истакна дека билатералните односи и пријателството меѓу двете земји претставуваат пример.

„Во иднина меѓу Турција и Пакистан можно е да има добра економска иницијатива и културна размена меѓу двата народа. Можно е да има добра соработка меѓу Пакистан и Турција во областа на одбранбената индустрија. Можеме да соработуваме во областа на производство на авиони и инфраструктурата. Со помош на Турција изградивме танкер, а пред неколку месеци се одржа церемонија по тој повод. Сметам дека тоа е огромна соработка меѓу двете братски земји. Треба да живееме заедно, треба да мислиме заедно, треба да работиме заедно“, рече тој.

Пакистанскиот претседател беше потсетен дека турскиот народ е задоволен од поддршката на Пакистан во борбата против терористичката организациј ФЕТО и беше запрашан дали опасноста на ФЕТО е правилно препознаена во меѓународната заедница.

Според него, ова прашање е добро перципирано во меѓународни рамки, и стојат до Турција во оваа насока.

„Кога видовме што се случи, ние како Пакистан веднаш презедовме чекор. Која ја посетив Турција во рамки на отворањето на Аеродромот во Истанбул, Ердоган имаше специјално барање за забрзување на случаите во врска со сите овие терористи во Пакистан. И ние продолживме, ги забрзавме случаите и училиштата ѝ ги предадовме на Турската фондација „Маариф“. Сметам дека Турција добро и паметно се справува со ова прашање. Среќни сме што турскиот народ стои зад својата Влада. Тоа е добар пример преку кој на светот му покажува дека доколку народот стои зад вас, никој не може да ве допре“, нагласи во изјава за АА, Ариф Алви, претседател на Пакистан.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın