Ekipa
18 Септември 2019•Ажурирај: 18 Септември 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Излезните анкети покажаа дека израелскиот десен блок на чело со премиерот Бенјамин Нетанјаху на вчерашните парламентарни избори не успеа да добие мнозинство гласови за формирање коалиција, јавува Anadolu Agency (AA).
Десниот блок, кој го предводи партијата на Нетанјаху, Ликуд, според резултатите на излезните анкети не успеа да обезбеди 61 пратеничко место колку што е потребно да може да формира коалициска влада.
Излезните анкети на израелскиот јавен сервис КАН (KAN) покажаа дека десниот блок предводен од Нетанјаху освоил 56 пратенички места од вкупно 120 места во Парламентот.
Истиот извор наведува дека најголемиот ривал на Нетанјаху и партијата Ликуд, блокот на левичарите и на центристичката Сино-бела партија на Бени Ганц, поранешниот началник на израелскиот Генералштаб, обезбеди 43 пратеници.
Десничарската партија „Израел, наш дом“ на Авигдор Либерман, поранешниот министер за одбрана, освои 10 пратенички места. Со овој резултат Либерман повторно ќе има клучна улога во можни коалициски преговори.
Заедничката арапска листа, која ги претставува Палестинците кои живеат во Израел, ќе има 12 пратеници.
Резултатите од анкетите кои ги објавија другите две израелски телевизии се слични со резултатите на излезните анкети на израелскиот јавен сервис КАН.
Во Израел вчера се одржаа повторни парламентарни избори кои се од исклучителна важност за иднината на Палестина и за политичката кариера на актуелниот премиер на земјата, Бенјамин Нетанјхау.
Близу 6,4 милиони регистрирани гласачи го бираа новиот состав на израелскиот Парламент, Кнесетот, кој брои вкупно 120 пратенички места.
Првин, парламентарните избори во Израел се одржаа на 9 април оваа година, но поради неможноста од формирање на парламентарно мнозинство, распишани беа повторни избори.
Аналитичарите велат дека Нетанјаху силно сака да победи и да остане на чело на Владата, со цел да ја задржи политичката моќ поради продолжувањето на истрагите и одлуката за подигнување обвинение во неколку судски процеси во кои се товари за корупција.
Предизборната кампања ја одбележаа скандалозните ветувања на Нетанјаху кој рече дека со анексија Израел ќе припои поголем дел од територијата на Западниот Брег, вклучувајќи ја и Јорданската Долина. Тие изјави предизвикаа остра осуда на бројни меѓународни организации и држави.