18 Септември 2019•Ажурирај: 18 Септември 2019
Франција испраќа експерти за да помогнат во истрагата за нападите со беспилотни летала врз нафтените објекти на Саудиска Арабија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон денеска го објавија ваквиот потег, откако францускиот лидер зборуваше со саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман.
Во соопштението се вели дека француските експерти позитивно ќе одговорат на барањето на Саудиска Арабија да се открие потеклото и методите на нападите.
Макрон ги осуди нападите и ја истакна важноста на безбедноста на Саудиска Арабија.
Кабинетот на Макрон вчера соопшти дека Франција продолжува со дипломатските напори за намалување на тензиите околу Персискиот Залив.
Во саботата беше изведен напад со дронови врз две постројки на саудиската национална компанија „Арамко“ (Aramco). Хусите преку соопштение ја презедоа одговорноста за нападот, иако САД и Саудиска Арабија се сомневаат дека Иран стои зад нападот. Иран негира дека е вклучен во такво нешто.
Саудиска Арабија соопшти дека се приклучува кон коалицијата предводена од САД за да ги обезбеди водните патишта на Блискиот Исток по нападот насочен кон нејзината значајна нафтена индустрија.
Државната Саудиска новинска агенција, цитирајќи неименуван официјален претставник, утринава издаде соопштение во кое се вели дека Кралството се приклучило на Меѓународниот конструмент инструмент за поморска безбедност.
На таа мисија веќе ѝ се придружија Австралија, Бахреин и Велика Британија.
САД ја формираа коалицијата по нападите врз танкерите со нафта за кои американските официјални претставници го обвинуваат Иран, како и заплената на Иран на танкери во регионот. Иран негира дека стои зад експлозиите на танкерот.
Американската војска не одговори веднаш на барањето на коментарот.