Ekip
05 Август 2018•Ажурирај: 06 Август 2018
ИСЛАМАБАД (АА) - Полицијата се сомнева дека талибански милитант е одговорен за палењето на 12 училишта во Пакистан, соопшти официјален претставник на полицијата на Пакистан, јавува Anadolu Agency (AA).
Училиштата, од кои најмалку половината беа за девојчиња, запалени се во петокот, во подрачјето Чилас, во северниот дел на подрачјето Гилгит-Балтистан.
„Во антитерористичка операција која следуваше по палењето на училиштата, убиен е најмалку еден осомничен талибански милитант, а уште 31 се приведени“, изјави за новинарите Чилас Санаулах Абаси, шеф на полицијата на Гилгит-Балтистан.
Еден полицаец е убиен, а уште еден е ранет во вооружената престрелка со талибанските милитанти.
„Сѐ уште е во тек потрагата во различни подрачја на Чилас, со цел елиминирање на сите скривалишта на милитантните сили на тоа подрачје“, порача шефот на полицијата.
Тој додаде дека иницијалните истраги откриле дека напаѓачите се обучени во Авганистан. Ниту една милитантна група досега не ја презеде одговорноста за нападите.
Добитничката на Нобеловата награда за мир, Малала Јусуфзаи, ги осуди нападите на училиштата.
„Екстремистите покажаа дека најмногу ги плашат девојки со книга“, напиша Јусуфзаи на својот профил на Твитер.
Таа побара од властите веднаш да ги обноват училиштата и ученичките да ги вратат во училниците.
Премиерот на Пакистан, Имран Кан, исто така го осуди нападот.
Администрацијата на Диамера објави соопштение во кое порача дека се започнати работите за обновување на оштетените училишта и дека би можело повторно да бидат отворени до крајот на месецот.