Islam Uddin
02 Октомври 2020•Ажурирај: 04 Октомври 2020
ИСЛАМАБАД (АА) - Властите на Пакистан денеска ги отфрлија тврдењата на некои индиски медиуми за присуство на пакистанската војска во Азербејџан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Индиските медиуми неодамна објавија дека пакистанската војска им помага на азербејџанските сили во борбата против ерменската армија во Нагорно Карабах, а пакистанското Министерство за надворешни работи соопшти дека ваквите тврдења се неодговорни, шпекулативни и неосновани.
Сепак, Министерството, повторувајќи го ставот на својата земја во однос на ова прашање, изјави дека Пакистан е длабоко загрижен за влошената безбедносна состојба во регионот Нагорно Карабах.
„Артилериските напади на ерменската армија врз азербејџанските населби се неприфатливи и може да го загрозат мирот во целиот регион. Ерменија треба да ги прекине воените дејствија со цел да се избегне понатамошна ескалација“, се вели во соопштението на пакистанското Министерство.
„Пакистан ги поддржува ставовите на Азербејџан во врска со кризата во Нагорно Карабах, што е во согласност со неколкуте едногласно усвоени резолуции на Советот за безбедност на Обединетите нации“, се додава во соопштението.
Пограничните судири меѓу Ерменија и Азербејџан избија откако ерменските сили извршија напади врз азербејџанските цивилни населби и воените позиции во регионот, познат како Нагорно Карабах.
Односите меѓу двете поранешни советски републики се тензични од 1991 година, кога ерменската војска го окупираше Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две резолуции на Генералното собрание на ОН, како и многу меѓународни организации, бараат повлекување на окупациските сили.
Групата Минск на ОБСЕ, со која копретседаваат Франција, Русија и САД, беше формирана во 1992 година, со цел изнаоѓање решение за конфликтот, но досега без резултат. Издејствувано е примирје во 1994 година.
Франција, Русија и НАТО, меѓу останатите, апелираат на итен прекин на судирите во окупираниот регион.