Emre Aytekin,Umar Farooq
24 Август 2018•Ажурирај: 25 Август 2018
АНКАРА (AA) - Пакистан ги негираше наводите на американскиот Стејт департмент во врска со телефонскиот разговор на американскиот државен секретар, Мајк Помпео, и пакистанскиот премиер, Имран Кан, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласноговорникот на Министерството за надворешни работи на Пакистан, Мухамед Фајсал, на твитер-профилот напиша дека не се точни наводите на Стејт департментот дека Помпео во текот на разговорот со Кан „укажал на важноста од посилна борба против сите терористички групи кои делуваат на територијата“.
Фајсал наведува дека во текот на разговорот воопшто не станало збор за оваа тема.
„Во текот на разговорот воопшто не се споменуваа терористичките организации кои делуваат на пакистанска територија. Затоа, упатуваме жалба на наводите кои не се вистинити“, порача Фајсал и повика оваа грешка да се исправи.
Гласноговорничката на Стејт департментот, Хедер Нојерт, на конференцијата за новинарите изјави дека Помпео во текот на состанокот порачал дека е подготвен да соработува со новата пакистанска Влада, како и дека е потребна посилна борба против сите терористички организации на пакистанска територија.
Помпео на 5 септември оваа година би требало да престојува во посета на Пакистан и тој ќе биде првиот министер за надворешни работи што ќе го прими новоизбраниот премиер на Пакистан, Имран Кан.