Muhammet Nazım Taşcı
30 Ноември 2022•Ажурирај: 30 Ноември 2022
ИСЛАМАБАД (АА) - Во самоубиствен напад врз полициско возило во пакистанската провинција Белуџистан, животот го загубија четири лица, меѓу кои еден полицаец и две деца, а 26 се повредени, известува Агенција Анадолија (АА).
Според вестите објавени во националните медиуми, самоубиствениот напад бил извршен врз полициско возило во подрачјето Балели на градот Куета.
Според првите проценки, во нападот загинале четири лица, меѓу кои еден полицаец, жена и две деца, а повредени се 26 лица, од кои 23 се полицајци.

Властите соопштија дека полициското возило било нападнато со 20-25 килограми експлозив, а по експлозијата возилото излетало од патот.
Во нападот оштетени се и две цивилни возила што поминувале во близина на полициското возило кога настанала експлозијата.
Споменатите полициски службеници со своето возило биле на должност за потребите на кампањата за вакцинација против детска парализа.
Претседателот Ариф Алви и премиерот Шехбаз Шериф го осудија нападот.

Пакистанските безбедносни сили вчера неутрализираа 10 милитанти на Пакистанските талибанци (ТТП) во регионот Хошаб во Белуџистан.
Пакистанските талибанци (ТТП) објавија дека завршил прекинот на огнот инициран со Администрацијата на Исламабад на 10 мај и на своите милитанти им наредиле да спроведуваат напади врз безбедносните сили низ земјата.