Kaamil Ahmed
01 Ноември 2016•Ажурирај: 01 Ноември 2016
КАРАЧИ (АА) - Најмалку 11 работници загинаа, а 60 други се повредени во пожар на танкер за нафта што избувна денес на бродоградилите во југоисточниот дел на Пакистан, јавува Anadolu Agency (AA).
Бродоградилиштето во Гадани се наоѓа 65 километри западно од главниот град Карачи. Се смета за еден од најголемите комплекси од ваков вид во Азија, каде што бродови од целиот свет доаѓаат за поправка.
Зулфикар Али Шах, заменик-комесар на областa Лабела, каде што припаѓа градот Гадани, за АА изјави дека уште тројца повредени им подлегнале на повредите во болница, зголемувајќи го бројот на жртвите од осум на 11.
Шах истакна дека сите заробени работници се спасени и конечната проценка на последиците ќе се изврши по гаснењето на пожарот.
Повредените се пренесени во болниците во Карачи, а лекарот Ахмар Али Баран за АА рече дека меѓу повредените, шест лица се во животна опасност со сто проценти изгореници на телото, и дека уште 12 повредени се згрижени на одделот за интензивна нега.
Според првичните информации, до пожарот дошло по експлозија на гасен цилиндар во танкерот.
Вработен во комплексот на бродоградилиштето во Гадани, Гулам Наби, за локална телевизија изјави дека работниците работат во лоши услови и често без основна заштитна опрема како што се заштитни шлемови и професионални работна облека.
„Не постојат противпожарни, ниту какви било мерки за заштита на бродоградилиштето и по секоја несреќа ги повикуваме службите од Карачи за да ни помогнат“, рече Гулам.