Selen Temizer,Mohamad Misto
16 Ноември 2016•Ажурирај: 17 Ноември 2016
ДАМАСК (АА) - МУХАМЕД МИСТО/СЕЛЕН ТЕМИЗЕР -
Во близина на Дамаск, главниот град на Сирија, се наоѓа градот Дума, во кој народот се обидува да преживее така што на пазарот за користени предмети продава работи извлечени од домовите што биле урнати во бомбардирањата од страна на режимот на Башар ал Асад.
Градот Дума во близина на Дамаск, веќе три години се наоѓа под опсада на силите на режимот. Народот, кој води борба за опстанок, во недостаток на основни средства за живот, извлекува предмети од домовите урнати во бомбардирањата и ги продава во јужниот дел од градот, на пазарот за користени предмети.
Пазарот на кој пред три години имаше само неколку предмети, со време израсна и денеска зафаќа простор од околу 700 квадратни метри.
Покрај предметите што ги извлекува под урнатините, народот почна да продава и предмети од сопствените домови. За незначителна цена, на пазарот може да се најдат апарати за домаќинство – од пегли, преку машини за алишта па сè до тркалца.
Еден од продавачите на пазарот, Аднан Ебу Фахид, за предметите што се продаваат вели дека поголем дел од нив се оштетени, но луѓето ги купуваат, бидејќи со нив ги поправаат домашните оштетени апарати.
„Народот ни ги продава овие предмети многу евтино. И ние кога ги продаваме, додаваме мала заработка. Луѓето што ги напуштаат урнатите домови, кај нас ги носат предметите коишто не ќе можат да ги користат во шаторските кампови. Нашиот пазар е отворен 24 часа“, вели Ебу Фахид.
Пред два месеца, во близина на пазарот паднала бомба од која бил повреден и соговорникот на Anadolu Agency, Ебу Фахид. Тој за повредата рече: „Откако се рехабилитирав дома, по извесен период, иако не бев целосно закрепнат, бев принуден да работам и затоа повторно сум тука“.
Ебу Фахид рече дека често се случуваат воздушни напади во близина на пазарот, но и покрај тоа, за да може да ги задоволи своите животни потреби, народот доаѓа на пазарот. Покрај тоа, тој додаде дека поради големата површина што ја зафаќа пазарот, тешко е тој да се префрли на друга локација.
Градот Дума е едно од подрачјата изложени на постојани интензивни бомбардирања. Градот којшто е под контрола на опозицијата, на 16 август 2015 година беше цел на бомбардирање на авионите на режимот, во кои животот го загубија 115 лица.