Очајните жители на Газа се борат со мракот и здравствените ризици поради прекинот на електрична енергија
- Кризата со електрична енергија започна пред сегашниот конфликт, но се влоши по започнувањето на нападите во октомври 2023 година, кога Израел целосно го прекина снабдувањето со струја за Газа
СКОПЈЕ (АА) - Веќе речиси три години сериозната енергетска криза го држи Појасот Газа во постојана борба за преживување во услови на израелската војна и целосната блокада, при што илјадници раселени палестински семејства се принудени да користат опасни алтернативи за осветлување и затоплување, што доведува до големи здравствени и безбедносни ризици, јавува Анадолу.
Кризата со електрична енергија започна пред сегашниот конфликт, но се влоши по започнувањето на нападите во октомври 2023 година, кога Израел целосно го прекина снабдувањето со струја за Газа.
Според „Тајмс оф Израел“, израелската Влада ја донела одлуката за прекин на снабдувањето со електрична енергија, по нападите во кои загинаа 1.139 лица во Јужен Израел, а околу 250 лица беа заробени.
Израелскиот министер за енергетика Ели Коен во март нареди целосен прекин на снабдувањето со електрична енергија во Газа, како притисок за ослободување на израелските заложници што сè уште се држат во енклавата. Оваа одлука се совпадна со масовната израелска офанзива во која, според извештаите, убиени се десетици илјади Палестинци.
За семејствата како Абу Наџи, раселени од селото Маграка и сега сместени во импровизиран шатор, животот без струја е постојана борба.
„Навистина, речиси три години имаме проблеми со струјата. Нашата состојба е ужасна. Животот е многу тежок“, вели мајката на семејството, додека се собираат околу мал оган во нивниот шатор.
Огновите што ги палат за топлина и светлина испуштаат чад и токсични гасови, што претставува сериозен ризик, особено за децата.
„Ногата на мојот сопруг е тешко повредена од огнот“, додава таа.
Недостигот на струја ја отежнува и најосновната домашна работа.
Жената објаснува дека рацете ѝ се изгорени и оштетени од рачното перење облека бидејќи немаат пристап до електрични машини.
Ноќта во Газа е најтешкиот дел од денот.
„Спиеме во темнина, без душеци“, вели жената.
Таа завршува со молба, не за возрасните, туку за децата:
„Бараме сè она што го има остатокот од светот. Детските права се уништени, ништо не им остана.“
Според палестинските власти, Израел убил речиси 69.000 Палестинци, најмногу жени и деца, а повреди повеќе од 170.600 од октомври 2023 година.
Околу 9.500 лица сè уште се водат како исчезнати под урнатините, а повеќе од 10.000 Палестинци, меѓу кои жени и деца, се наоѓаат во израелски затвори.
