Маж што по грешка бил ослободен од затвор во Лондон сам се пријавил во полиција
Вилијам Смит сам се пријавил три дена по неговото погрешно ослободување од затворот „Вондсворт“.
ЛОНДОН (АА) – Триесет и петгодишен маж, кој по грешка бил ослободен од затвор во Лондон, се предал и повторно е во полициски притвор, соопшти денес полицијата во Сари, пренесува Анадолу.
Во соопштението се наведува дека Вилијам Смит сам се пријавил три дена по неговото погрешно ослободување од затворот „Вондсворт“.
„Ја повлекуваме јавната потрага по 35-годишниот Вилијам Смит, кој по грешка беше ослободен од затворот ХМП 'Вондсворт' во понеделникот, на 3 ноември. Смит денес (6 ноември) сам се предаде во овој затвор“, се вели во соопштението.
Според извештајот на Би-би-си, Смит бил осуден на 45 месеци затвор за повеќе дела со измама од судот во Кројдон во понеделникот - дента кога по грешка бил пуштен на слобода.
Смит е еден од двајцата мажи што по грешка биле ослободени од затворот „Вондсворт“. Полицијата сè уште трага по вториот, 24-годишниот сексуален престапник Брахим Кадур-Шериф, кој бил ослободен на 29 октомври.
Гувернерот на затворот ХМП „Вондсворт“ не бил присутен кога Кадур-Шериф бил ослободен бидејќи во тој момент спроведувал истрага за друг случај на предвремено ослободување во друг затвор.
Министерката за правда Алекс Дејвис-Џоунс за Би-би-си изјави дека „системот на затворот не може да се поправи преку ноќ“ и дека се наоѓа „во криза.“
Во меѓувреме, секретарот за правда во сенка, Роберт Џенрик, ситуацијата ја нарече „тотален хаос.“
