Ekip
17 Декември 2016•Ажурирај: 18 Декември 2016
АНКАРА (AA) - Осуди на терористичкиот напад кој утрово се случи во турскиот град Кајсери, во централна Турција, а во кој загинаа најмалку 13, а ранети се 56 лица, доаѓаат од целиот свет, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓу земјите кои го осудија нападот се наоѓаат и Шпанија од чие Министерство за надворешни работи е упатено сочуство на семејствата на загинатите во овој напад.
„Шпанија во овие тешки времиња ја дели болката со семејствата на загинатите, турскиот народ и авторитетите. На ранетите им посакуваме брзо опоравување", порачаа од шпанското Министерството за надворешни работи, додавајќи дека владата на оваа земја е искрена во солидарноста со Турција кога е во прашање борбата против тероризмот.
Нападот во Кајсери на социјалната мрежа Твитер го осуди и украинскиот претседател Петро Порошенко порачувајќи: „На семејствата на загинатите им упатувам сочуство. Со Турција сме. Тероризмот не може со ништо да се оправда."
И албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати на социјалната мрежа го осуди нападот во кој загинаа најмалку 13 лица.
„Ниту седум дена не поминаа од нападот во Истанбул, се случи втор напад во Кајсери. Остро го осудувам овој напад, ја делам болката и тагата на турскиот народ", нагласи Бушати.
Осуда на нападот стаса од Австрија. Министерот за надворешни работи на Австрија Себастијан Курц на социјалната мрежа Твитер остро го осуди овој терористички напад.
Упати најдлабоко сочуство на семејствата на загинатите во овој напад.
Претседателот на Собранието на Косово Фикрим Дамка и министерот на јавна управа Махир Јагџачар го осудија овој терористички напад во Кајсери.
Дамка на социјалната мрежа порача дека е против најподлите напади во историјата на човештвото на Турција.
„Предавниците со нападите нема да ги остварат целите. Остро го осудувам нападот во Кајсери", порача Јагџилар.