Erdal Türkoğlu,Mohamad Misto
05 Септември 2016•Ажурирај: 06 Септември 2016
АЗЕЗ (АА) ЕРДАЛ ТУРКОГЛУ / МОХАМАД МИСТО
На северот од Сирија, народот од регионот одблиску ги следи операциите на умерената опозиција насочени кон терористичките цели, во рамките на операцијата „Штитот на Еуфрат“.
Продолжува операцијата „Штитот на Еуфрат“, која заедничките специјални единици на Турските вооружени сили и коалициските воздушни сили ја спроведуваат против терористичките закани во подрачјето на Џарабулус, на границата помеѓу Сирија и Турција.
На дванаесеттиот ден од операцијата, поврзувањето на линијата Азез – Џарабулус ја подгреа надежта на луѓето кои доаѓаат од подрачјата што се под контрола на ДАЕШ, а живеат во камповите.
Директорот на кампот „Суко“ од областа Азез во Алепо, Хусеин Дериџ, за АА изјави дека во кампот се наоѓаат голем број семејства кои избегале пред заканата од терористичката организација ДАЕШ. Развојот на настаните во подрачјето одблиску го следеле сите семејства, рече Дериџ и додаде: „Оваа операција стана надеж и за Сиријците во државата и за оние надвор од неа. Се зголеми надежта кај луѓето за враќање во домовите узурпирани од терористичките организации ПЈД и ДАЕШ. Овој развој на настаните на границата ќе ја намали концентрацијата на луѓе на границата со Турција. Господ нека им е на помош на Турција и на умерената опозиција“.
Дериџ рече дека локалното население ѝ е благодарно на Турција за дадената поддршка.
- „Ќе се прошири животниот простор“ -
Одговорниот за управувањето со кампот, Меџд Вад, рече дека ДАЕШ правел притисок врз населението во териториите со кои раководи, што било причина луѓето да ги напуштат своите домови и да избегаат во камповите. Вад рече дека операцијата „Штитот на Еуфрат“, која започна со поддршка на Турција, внела надеж кај луѓето дека ќе се спасат од камповите.
„Народот во моментов се наоѓа заглавен на мал простор. Со операциите ќе се зголеми животниот простор. Луѓето се молат за добри вести. Овие операции го спречија формирањето на кантони. Се надеваме дека Сирија, со поддршката од Турција ќе остане цела“.
Еден од жителите на кампот, 65-годишниот Абуди Сахран, раскажа дека поради заканата од ДАЕШ го напуштил својот дом во подрачјето на Ел Баб и избегал кон границата со Турција.
Сахран рече дека слушнал добри работи во врска со операцијата „Штитот на Еуфрат“ и верува дека ќе биде успешна, ѝ се заблагодари на Турција за дадената поддршка, посакувајќи да се ослободи подрачјето меѓу Џарабулус – Ел Баб, и да се врати во својот дом.
- „Потребно е да се вратиме пред да настапи зимата“ -
Во подрачјето во кое има бегалци, тие се сместени во градови од контејнери и шатори, а има и такви што го продолжуваат својот живот во импровизирани шатори под дрвјата.
Хатиџе Уму која пред 6 месеци избегала од селото Игде, кон границата со Турција, во безбедносната област, рече дека заедно со своите синови, снаи и внуци, вкупно 12 лица живеат во еден шатор.
Жената од Сирија истакна дека во прашина и земја, под импровизиран шатор живеат голем број семејства. „Живееме во тешки услови. Нема леб, вода, шатори. Се надевам дека пред да дојде зимата ќе можеме да се вратиме во својот дом, бидејќи под овие услови децата не можат да живеат. Нашите очи и уши се наочени кон операциите. Се надевам дека Турција ќе навлезе во областа и ќе нѐ спаси од оваа организација“, рече Уму.