Merve Aydoğan
21 Февруари 2018•Ажурирај: 21 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - Турските вооружени сили (ТСК) неутрализираа вкупно 1.780 припадници на терористичките организации ПКК/КЏК/ПЈД/ЈПГ и ДЕАШ од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“ во пограничното подрачје на Африн, Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералштабот на турската војска соопшти дека турските сили во изминатите 24 часа уништиле неколку терористички упоришта. Во соопштението се наведува дека операцијата се одвива во согласност со планираното.
Турските вооружени сили и Слободната војска на Сирија вчера ослободија уште девет села и напредуваат кон внатрешноста на регионот Африн кој веќе шеста година под окупација го држат терористите на ПЈД и ЈПГ, сириските ограноци на терористичката организација ПКК.
Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, од Анкара порача дека турските сили продолжуваат со одлучната борба против тероризмот и дека терористите во центарот на Африн наскоро ќе бидат ставени во обрач.
Во изминатиот месец со операцијата „Маслинова гранка“ од терористите се ослободени вкупно 89 точки, меѓу кои и еден центар на град, 66 села, една терористичка база и 20 стратешки ридови и планини.
Прорежимските сириски медиуми вчера објавија дека режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад и терористите на ПЈД/ЈПГ постигнале договор според кој во Африн се пратени прорежимски единици таканаречени „народна одбрана“. Конвој на терористичките сили лојални на сирискиот режим се обиде од правецот на местото Нубул Зехра да влезе во центарот на Африн, но се повлече 10 километри од Африн откако турските сили упатија предупредувачки артилериски оган.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право засновано на меѓународното право и резолуциите на Обединетите нации, особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН, односно на Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад во јули 2012 година, без борба, на терористите на ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
Терористите на ПЈД/ПКК под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8.000 и 10.000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички групи во Турција, САД и Европската Унија. ПКК уште од средината на 1980-тите години води терористичка кампања против Турција.