İdris Okuducu
07 Ноември 2016•Ажурирај: 07 Ноември 2016
МОСУЛ (АА) - Во рамките на операцијата за ослободување на Мосул од терористите на ДЕАШ, курдските сили пешмерги влегоа во гратчето Башика, кое се наоѓа североисточно од Мосул, кој терористите го контролираат од летото 2014 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Пешмергите рано утринава од три страни влегоа во Башика во која се водат улични борби.
Во првата борбена линија против терористите на ДЕАШ се борат специјални единици на пешмергите „Зеревани“, кои со оклопни возила уште во првите часови од акцијата ги пробија линиите на ДЕАШ.
Новинар на АА од теренот јавува дека и воените експерти на меѓународната коалиција за борба против ДЕАШ им дале логистичка и стручна поддршка на пешмергите во акцијата за ослободување на Башика.
Според најавите на официјалните лица на Регионалната курдска самоуправа во северниот дел на Ирак, Пешмергите би требало да ја заземат Башика, која се наоѓа околу 20 километри од центарот на Мосул, и од таа североисточна страна ќе им обезбедат поддршка на ирачките сили коишто од јужната и источната страна би требало да го спречат делувањето на ДЕАШ во Мосул.
Во непосредна близина на Башика се наоѓа воен камп во кој турската војска врши обука на курдските сили „Гардата на Нинива“, составени од локалните борци што учествуваат во борбите против ДЕАШ.