Mohamad Misto,Adham Kako
14 Ноември 2018•Ажурирај: 15 Ноември 2018
ДЕИР ЕЗ-ЗОР/АНКАРА (АА) - Во воздушните напади на коалициските сили предводени од САД врз источните делови на сириската област Деир ез-Зор, која се наоѓа во близината на границата со Ирак, животот го загубија најмалку 20 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Деир ез-Зор продолжува поддршката за ЈПГ/ПКК од страна на коалициските сили предводени од САД.
Од безбедносни извори од Деир ез-Зор се дознава дека коалициските сили продолжуваат со воздушните и копнените напади врз источните делови на областа Деир ез-Зор, каде што под окупација на ДЕАШ се наоѓаат местото Хеџин и подрачјата во неговата околина.
Изворите наведуваат дека во денешните напади на коалициските сили врз центарот на Појасот Шифе и подрачјето Кешме, животот го загубиле најмалку 20 цивили, од кои поголемиот дел се деца и жени.
Коалициските авиони во периодот од 18 до 25 октомври спроведоа воздушни напади во областа Деир ез-Зор врз местото Хеџин и џамиите во Појасот Сусе. Во овие напади животот го загубија вкупно 53 лица. Коалициските сили се бранеа дека при нападите на џамиите, како цел го имале ДЕАШ.
- Состојбата во Деир ез-Зор
Терористичката организација ЈПГ/ПКК, со поддршка на САД, под окупација ги држи источните и западните рурални делови на Деир ез-Зор, кој се наоѓа источно од реката Еуфрат. ЈПГ/ПКК добива воздушна поддршка од САД, а Франција пружа поддршка со гранатирање од копно и со операцијата што трае од 11 септември наваму сака во потполност да го исфрли ДЕАШ од Деир ез-Зор.
Во моментов ДЕАШ под своја контрола ги држи центарот на местото Хеџин, центрите на Шифе и Појасот Сусе и селата Бу-Хесан и Бу-Хатир.
Западно од Деир ез-Зор се позиционирани силите на Башар ал Асад.
Од вкупната територија на Сирија, 28 отсто се наоѓаат под окупација на ЈПГ/ПКК.
Продолжува постоењето на ДЕАШ во три подрачја на Сирија. ДЕАШ под окупација држи 3,3 отсто од територијата на Сирија.