Selçuk Acar
07 Ноември 2016•Ажурирај: 07 Ноември 2016
ЊУЈОРК (АА) - Претседателот на САД, Барак Обама, алудирајќи на кандидатот на Републиканската партија Доналд Трамп изјави: „Оној што не може да се справи ниту со својот профил на Твитер, не може да ги чува нуклеарните кодови“, јавува Anadolu Agency (AA).
Обама, член на Демократската партија, првиот Афроамериканец избран за претседател на САД, учествуваше на митингот организиран на стадионот за бејзбол во градот Кисими, Флорида, давајќи поддршка во предизборната кампања на кандидатката на демократите, Хилари Клинтон.
„Доколку победиме во Флорида, ќе ги добиеме овие избори“, рече Обама, а во неговиот говор Трамп беше главна цел.
Претседателот на САД нагласи: „Има касета, постои видео. Смета дека не е проблем да ги лаже сите оние што го поддржуваат“.
Обама посочи дека Трамп не е квалификуван за претседател и дека оној што не може да се справи ниту со својот профил на Твитер, не може да ги чува нуклеарните кодови.
На митингот во Кисими, и светски познатиот пејач Стиви Вондер пред престојните претседателски избори даде поддршка за Хилари Клинтон пред околу 11.000 лица.
Претседателот на САД, Обама, на последниот ден од предизборната кампања со Хилари Клинтон ќе се појави на митинзите во Мичиген, Њу Хемпшир и во Пенсилванија.
Предизборната претседателска кампања на Хилари Клинтон ќе заврши со митингот во Филаделфија, на која што покрај претседателот Барак Обама и неговата сопруга Мишел Обама, поддршка ќе ѝ дадат ќерката Челзи Клинтон и светската музичка ѕвезда Бон Џови.