Ekipa
28 Март 2018•Ажурирај: 29 Март 2018
ГАЗА (АА) - Пјер Крахенбул, генералниот комесар на агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA), изјави дека хуманитарната криза во Газа е секој ден сè подлабока, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето на новинарите во Кан Јунис, град на јужниот дел од Појасот Газа, Крахенбул истакна дека последиците од хуманитарната криза во Газа би можеле да бидат многу сериозни.
„Зборувам за сериозните последици на она што моментално се случува во Газа. Би сакал луѓето конечно сериозно да почнат да размислуваат за состојбата во Газа“, изјави Крахенбул.
Тој истакна дека особено е тешка ситуацијата кога се работи за здравствените и социјални прашања, додавајќи дека жителите на Газа се изложени на голем психолошки притисок како никогаш досега.
Нагласи дека претставниците на УНРВА се сериозно загрижени дека училиштата во Газа наредната година воопшто нема да работат, напоменувајќи дека во тие училишта наставата ја следат околу 270 илјади ученици.
Тој истакна дека поради тоа е потребно итно да се дејствува за да се заврши израелската опсада како и поделбата меѓу различните палестински движења.
Тој потсети дека САД, во јануари оваа година, на УНРВА и ускратил 65 милиони долари месечна помош.
Крахенбул додаде дека на средината на март, на меѓународната конференција во Рим, за жителите на Газа била ветена донација од околу 100 милиони долари, напоменувајќи дека споменатите средства се многу важни, но сепак недоволни.
„Мораме уште понапорно да работиме за до крајот на годината да успееме да собереме доволно финансиски средства. Сведочиме на историска неправда која ја доживуваат палестинските бегалци“, изјави Крахенбул.
Инаку, УНРВА е воспоставена од Генералното собрание на ОН во 1949 година, откако стотици илјади Палестинци побегнаа или се протерани од своите домови во војната од 1948 година, која следеше по формирањето на Израел.
Агенцијата тврди дека во моментот помага на пет милиони регистрирани палестински бегалци на Блискиот Исток.