Ahmet Gürhan Kartal
28 Март 2018•Ажурирај: 29 Март 2018
ЛОНДОН (АА) -Британската премиерка Тереза Меј, денес ги повика британските пратеници да застанат против исламофобијата и антисемитизмот во Велика Британија, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи во Долниот дом на Парламентот, Меј изјави дека злоделата поттикнати од омраза не треба да бидат дел од британското општество.
„Сметам дека треба да има многу јасна порака од сите нас во овој Парламент, дека нема место за расна омраза, за злодела во ова општество“, изјави Меј, која одговараше на прашањето од пратеникот на Конзервативната партија, Питер Ботомли.
„Тоа не треба да биде дел од нашето општество, без разлика дали се работи за исламофобија или антисемитизам“, додаде таа.
„Ова е нешто против кое треба да застанеме сите и да го направиме најдоброто за да го отстраниме од нашето општество“, вели таа.
Нејзиниот одговор дојде како последица на обвиненијата за антисемитизмот, упатени кон Лабуристичката партија и во времето на ширење на пропагандниот материјал таканаречен „Punish a Muslim Day“, изнесен во анонимни писма испратени до британските муслимани низ земјата.
Во понеделникот беше одржан протест на околу 500 лица пред Парламентот, кои го обвинуваа лидерот на Лабуристичката партија, Џереми Корбин, дека е на страна на антисемистите.
Лабуристичкиот лидер упати извинување во неделата вечерта во кое истакна дека смета оти во рамките на Лабуристичката партија е појавен антисемитизмот, кој честопати се занемарувал како нешто незначајно.
Британската полиција за борба против тероризмот покрена истрага за анонимните писма, поради содржината со која се повикува на насилство против муслиманите.