Mücahit Oktay
13 Август 2025•Ажурирај: 14 Август 2025
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Стефан Дужарик, портпаролот на генералниот секретар на ОН, изјави дека смртните случаи од неисхранетост станале вообичаена појава во Појасот Газа, кој е под израелска окупација и блокада, известува Анадолу.
Дужарик одговараше на прашањата на новинарите за случувањата на Блискиот Исток на дневната прес-конференција што ја одржа во седиштето на ОН во Њујорк.
Споделувајќи ги податоците објавени од Министерството за здравство на Газа, Дужарик информираше дека 8 лица, од кои 3 деца, починале во палестинската енклава во последните 24 часа „поради неисхранетост и глад“. Во своето обраќање Дужарик истакна:
„Ваквите вести станаа вообичаени, што ја одразува продлабочената хуманитарна криза (во Газа) и итната потреба од континуирана помош“.
Портпаролот на генералниот секретар изјави дека до денес, повеќе од 340 деца се донесени во центрите во Газа за третман од неисхранетост. Тој рече и дека од 5 август досега, од глад починале 49 деца, од кои 39 биле под 5-годишна возраст.
Дужарик истакна дека Палестинците во јужна Газа продолжуваат да се соочуваат со проблемот на лоши санитарни услови и недостаток на чиста вода, како и дека водоводот што го обезбеди Израел „е оштетен веќе околу една недела“.
„Сакаме да ве потсетиме дека со помошта и залихи што може да се донесат во Газа не се задоволени минималните потреби на гладните. Прекинот на огнот и континуираниот и зголемен проток на помош се од клучно значење за да може помошта се стигне до сите на кои им е потребна“.