Betül Yürük
17 Мај 2018•Ажурирај: 19 Мај 2018
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (АА) - Специјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Стефан де Мистура, упати предупредување дека во случајот во Идлиб се повтори она што се случи во Источна Гута, тогаш тоа ќе предизвика шест пати полоши резултати, и дека 2,3 милиони лица можат да бидат погодени од тоа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Мистура преку видеоконференција од Женева го информираше Советот за безбедност на ОН околу последните случувања во Сирија, а особено укажа на загриженоста околу евакуациите во Идлиб.
Мистура нагласи дека ако цивилите и опозициските групи се испратени во северниот дел на Сирија и претежно во Идлиб, оваа ситуација може да предизвика само ново одложување на конфликтот. Според него, во последните 2 месеца во северниот дел на Сирија се евакуирани 110.000 лица, додека постојат тешкотии во исполнување на хуманитарните потреби во регионот.
„Ако во Идлиб се повтори сценариото од Источна Гута, тогаш тоа може да биде шест пати полошо. Тоа ќе погоди 2,3 милиони лица, од кои половина веќе беа претходно раселени, и нема да постои место каде што ќе можат да одат“, додаде тој.
Мистура објасни дека зголемувањето на тензиите или конфликтите во Идлиб или Дера ќе предизвика опасност не само за Сиријците, туку и за меѓународниот мир и безбедност, и укажа на присуството на меѓународните сили во овој регион.
Информирајќи дека следните преговори кои оваа недела се одржуваат во казахстанскиот главен град Астана, ќе се одржат во Анкара, Мистура рече дека по средбите што ги одржал со некои страни во Женева се вратил со една „хаотична слика“.
Разговарајќи за впечатоците од овие средби, Мистура истакна дека иако има спротивставени гледишта, сепак постои заедничко гледиште за ставање крај на судирите, формирање уставен комитет и почитување на територијалниот интегритет на Сирија.