Bayram Altuğ
03 Јуни 2022•Ажурирај: 06 Јуни 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Портпаролката на Обединетите нации (ОН) за човекови права, Лиз Тросел, изјави дека немаат детали за убиството на палестинската новинарка Гурфан Харун Вараснех на Западниот Брег, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сепак, таа смета дека земањето на нишан на новинарите и нивното повредување под какви било околности е алармантно и загрижувачко.
Палестинската новинарка Гуфран Вараснех беше убиена во средата кога израелските војници отворија оган на Западниот Брег. Вараснех е втората новинарка убиена од израелските сили оваа година.
„Каква е вашата реакција на ова, дали ќе го осудите?“, праша новинарот на АА на конференција во Канцеларијата на ОН во Женева.
Тросел рече дека не ги знае деталите за убиството на палестинската новинарка Вараснех.
„Но како што секогаш велиме, длабоко е загрижувачки тоа што новинарите се на нишан и што им се наштетува, без оглед на околностите“, рече Тросел.
Таа додаде дека им требаат поконкретни информации за смртта на Вараснех.
Во соопштението на палестинското Министерство за здравство од средата се вели дека Гуфран Харун Вараснех била застрелана во градите во близина на кампот „Ал Аруб“, северно од Хеброн.
Фотографиите и видеата кои кружат на социјалните мрежи покажуваат како жртвата лежи на земја откако е застрелана.
Палестинската Црвена полумесечина претходно соопшти дека израелските сили 20 минути спречиле нивниот тим лекари да пристигне на местото на настанот.
Медицински извор од болницата „Ал Ахли“ откри дека жената била донесена во болница во критична состојба, по што починала.
Израелската армија тврди дека Палестинката наводно се обидела да изврши напад со нож.
Во соопштението на Израелската армија се наведува дека девојката вооружена со нож се обидела да стигне до војниците, поради што силите отвориле оган и ја неутрализирале.
Меѓу израелските војници нема повредени.
Локалните палестински извори рекоа дека Вараснех дипломирала на Катедрата за новинарство на Универзитетот „Ал Халил“ и работела за локални медиуми.
Палестинската новинарка Ширин Абу Аклех беше застрелана на 11 мај додека известуваше за израелските рации во близина на бегалскиот камп во Џенин на окупираниот Западен Брег. Палестинските власти и нејзиниот работодавец „Ал Џезира“ изјавија дека новинарката е убиена во оган од израелската војска.
Според палестинското Министерство за здравство, израелската војска од почетокот на годината убила 59 Палестинци, од кои 11 деца помлади од 18 години и 5 жени на Западниот Брег, Ал Кудс и Појасот Газа.