Ömer Faruk Yıldız
03 Јуни 2022•Ажурирај: 06 Јуни 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Светската здравствена организација (СЗО) повика на обезбедување помош од 147,5 милиони американски долари за давање здравствени услуги за цивилите во Украина, каде што е во тек војната со Русија, и на украинските бегалци кои се засолнија во соседните земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на конференцијата за новинарите во Канцеларијата на Обединетите Нации (ОН) во Женева, претставникот на СЗО за Украина, д-р Јарно Хабихт, зборуваше за најновата состојба на здравствените услуги во Украина.
Хабихт нагласи дека до 2 јуни бројот на напади од руските војници на здравствените центри во Украина пораснал на 269, од кои 76 луѓе се убиени, а 59 се повредени.
Според Хабихт, некои здравствени установи се уништени како последица на нападот. Хабихт рече дека многу болници и клиники во зоните на конфликтот не можат да обезбедат здравствени услуги на оние на кои им се потребни.
Истакнувајќи, исто така, дека војната нанесе тешка психолошка штета на украинскиот народ, Хабихт ја подели информацијата дека СЗО го зголемила бројот на персонал во земјата и обезбедила 543 тони медицинска опрема за регионите погодени од конфликтот.
Зборувајќи за потребата од обновување на здравствените услуги оштетени со војната во Украина, Хабихт најави дека СЗО го зголемила својот моментален повик за донации и започнала кампања за донации вредни 147,5 милиони долари за Украина.
„Од тој износ 80 милиони долари ќе бидат искористени за медицинска помош на цивилите во земјата, а 67,5 милиони долари за медицинска помош на украинските бегалци кои се засолнија во соседните земји“, рече Хабихт.