Ikrame Imane Kouachi
26 Јануари 2025•Ажурирај: 27 Јануари 2025
БЕЈРУТ (АА) – Обединетите нации (ОН) соопштија дека не е испочитуван рокот утврден со договорот за прекин на огнот на 27 ноември меѓу Либан и Израел, јавува Анадолу.
Израелската армија остана на либанска територија по 60-дневниот рок за нејзино повлекување од јужен Либан кој завршува денес.
Како резултат на тоа, најмалку три лица загинаа, а 44 се повредени од оган на израелската војска додека либанските жители се обидуваа да се вратат во своите домови во јужен Либан.
„Не се исполнети временските рокови предвидени со ноемврискиот договор“, се вели во заедничката изјава на специјалната координаторка на ОН за Либан, Жанин Хенис-Плашерт, и шефот на мисијата и командант на силите на УНИФИЛ, генерал-полковник Аролдо Лазаро.
„Трагично, како што се гледа утринава, сѐ уште не се создадени услови за безбедно враќање на граѓаните во нивните села во должина на Сината линија“, се вели во соопштението.
„Раселените заедници, кои веќе се соочуваат со долг пат до закрепнување и обнова, уште еднаш се повикани на претпазливост. Исто така, секојдневно продолжува да се евидентира кршењето на резолуцијата 1701 (2006) на Советот за безбедност на Обединетите нации“.
ОН соопштија дека почитувањето на своите обврски од страна на Израел и Либан и целосното спроведување на Резолуцијата 1701 на ОН „претставуваат единствен начин да се затвори неодамнешното, темно поглавје на конфликтот и да се отвори ново, најавувајќи ја безбедноста, стабилноста и просперитетот на двете страни на Сината линија“.
„Обединетите нации продолжуваат да ги ангажираат сите актери за оваа цел и остануваат подготвени да поддржат каква било акција во согласност со резолуцијата 1701 и напорите на Механизмот за имплементација за постигнување на целите на ноемврискиот договор.“
Либан и Израел постигнаа договор за прекин на огнот на 27 ноември за ставање крај на повеќе од 14-месечните борби меѓу израелската армија и либанската група на отпорот Хезболах.
Податоците од либанското Министерство за здравство покажуваат дека од почетокот на нападите на Израел врз Либан на 8 октомври 2023 година, убиени се најмалку 4.068 луѓе, меѓу кои и деца, жени и здравствени работници, додека 16.670 се повредени.