Bayram Altuğ
09 Мај 2017•Ажурирај: 10 Мај 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека 245 бегалци исчезнаа откако се превртеле два чамци со кои пловеле во Средоземното Море, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласноговорникот на Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР), Сесил Пуји, на прес-конференцијата одржана во Канцеларијата на ОН во Женева, истакна дека над 1.300 бегалци го загубиле животот од почетокот на годината, обидувајќи се преку Средоземното Море да стигнат во Европа.
Пуји истакна дека минатиот петок 82 бегалци исчезнале кога еден гумен чамец се превртел на отворено море, во близина на италијанскиот остров Сицилија, а 50 лица биле спасени и однесени во градот Поцало.
Исто така, Пуји пренесе дека минатата недела друг чамец се превртел во Либија, при што исчезнале 163 лица, а седуммина, меѓу кои и една жена, биле спасени од страна на надлежните од крајбрежната стража на Либија.
Пуји вели дека се загрижени за животите на 245-те бегалци кои исчезнаа во двете несреќи.
Џоел Милман, портпарол на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), во својот говор на состанокот истакна дека во периодот од 1 јануари до 7 мај, бројот на бегалците кои преку Средоземно Море стигнале до Европа е околу 50.000, а нивниот број во истиот период минатата година изнесувал 187.569.