Emre Aytekin
09 Мај 2017•Ажурирај: 09 Мај 2017
СЕУЛ (АА) - Речиси 42,5 милиони регистрирани гласачи во Јужна Кореја гласаат на предвремените избори за нов претседател на државата, јавува Anadolu Agency (AA).
Изборниот процес започна во четвртокот, а денес во 20 часот по локално време ќе бидaт затворени 140.000 избирачки места ширум земјата.
Во изборната трка учествуваат вкупно 13 претседателски кандидати, а се очекува одѕивот на гласачите да изнесува околу 80 отсто.
Според последните анкети на јавното мислење, фаворит на претседателските избори во Јужна Кореја е кандидатот на Демократската партија Мун Џе-ин.
Предвремените претседателски избори во Јужна Кореја беа распишани откако поради злоупотреба на функцијата од должност беше разрешена претседателката Парк Геун-Хје.
Како прв шеф на државата кој е разрешен од должност поради злоупотреба на позицијата, Парк е обвинета дека со посредство на својата советничка и пријателка, од големите компании примала мито, а за возврат на компаниите им давала одредени привилегии.
Парламентот на Јужна Кореја на 9 декември минатата година нареди спроведување истрага против претседателката Парк, а Уставниот суд на земјата, на 10 март донесе одлука за разрешување на претседателката.
Новоизбраниот претседател на Јужна Кореја својот петгодишен мандат ќе го започне веднаш по објавувањето на официјалните изборни резултати, за разлика од вообичаената практика на функцијата да стапи два месеци по изборот.