İnci Gündağ
09 Мај 2017•Ажурирај: 09 Мај 2017
ЛОНДОН (АА) - Во Британија, која напредува на својот пат за одвојување од Европската Унија (ЕУ) по референдумот за Брегзит, минатата година за 35 отсто е зголемен бројот на барањата за британски пасош во однос на претходната, јавува Anadolu Agency (AA).
Врз основа на информации добиени од Министерството за внатрешни работи на Британија, „Financial Times“ (Фајненшал тајмс) објави дека во 2016 година, од земјите на ЕУ се поднесени 13.070 барања за британски пасош.
Во веста се истакнува дека зголемувањето на бројот на барања за британски пасош за 35 отсто се должи на референдумот за Брегзит, одржан на 23 јуни минатата година, и забележано е интензивирање на барањата за британски пасош по јули минатата година.
- Најмногу барања од Франција -
Во веста се вели дека најголем број барања за британски пасош, 2.369 се поднесени од Франција, потоа следи Германија со 2.140 барања. Според податоците добиени од Министерството за внатрешни работи, по референдумот за Брегзит, барањата од Франција се зголемени за 28 отсто, додека од Германија за 60 отсто.
Во веста се вели дека зголемениот број на барања за британски пасош надвор од државата се должи на правото за британски пасош од страна на граѓаните на ЕУ, кои сега, пред завршувањето на Брегзит, се обидуваат да го искористат тоа право. Интересен е фактот што меѓу лицата кои поднеле барање за британски пасош, две третини се под 18 години. Ова се објаснува со тоа што овие малолетници се лица родени во некоја од земјите на ЕУ, кај кои еден од родителите е Британец, а вториот е државјанин на ЕУ.
Во Британија има повеќе од 3 милиони државјани на ЕУ, додека во земјите-членки на ЕУ живеат околу 1 милион Британци. Владата на Британија истакнува дека сака да го искористи како адут останувањето на државјаните на ЕУ во Британија, во периодот на преговорите за Брегзит. Европската Унија, од друга страна, бара ситуацијата со државјаните на ЕУ во Британија да се реши уште во првата фаза на преговорите.
На минатогодишниот референдум, народот со 52 отсто реши Британија да се одвои од ЕУ. Земјата на 29 март оваа година официјално го започна двегодишниот период на одвојување од Унијата.