Alma Çekovic
19 Јуни 2016•Ажурирај: 20 Јуни 2016
OКИНАВА (АА) - Десетици илјади демонстранти се собраа денеска во Наха, главниот град на островот Окинава во знак на протест против тамошните американски воени бази и кривичните дела на американскиот воен персонал во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Околу 65.000 демонстранти го изразија својот гнев против САД, откако поранешен маринец вработен во воената база во Окинава во април, наводно, силувал и убил една локална девојка.
Случајот го интензивираше долгогодишниот анимозитет кон американските воени бази во регионот, во популарната јапонска туристичка дестинација.
Протестот, организиран во паркот во градот Наха при високи температури, од кои многумина се заштитуваа со чадори, започна со едноминутно молчење во спомен на жртвата на убиството, 20-годишната Рина Шимабукуро.
Десетици илјади демонстранти формираа ланец околу главната воздушна база на Соединетите Американски Држави во знак на противење на американското воено присуство во Јапонија. Со транспаренти јасно порачаа „Не ја силувајте Окинава”, „Затворете ги сите воени бази”.
Протестот, во организација на локалните синдикати и групи на граѓани, беше мирен и немаше известувања за апсења и инциденти.
Американските воени бази зафаќаат околу 20 отсто од површината на Окинава, со 30.000 распоредени војници. По Втората светска војна, Окинава беше под американска управа (потврдено со мировен договор во 1951 година) до 1972 година, кога е вратена во Јапонија. Таа стана една од главните американски воени упоришта во Пацификот. САД на Окинава изгради повеќе воздушни и поморски воени бази, полигони кои предизвикаа големо противење на локалното население.