Murat Demirci
02 Декември 2016•Ажурирај: 02 Декември 2016
НИКОЗИЈА (АА) - Претседателот на Турската Република Северен Кипар, Мустафа Акинџи и грчкиот лидер Никос Анастасијадис одлучија да ги продолжат преговорите за Кипар што во ноември се одржаа во швајцарскиот град Мон Пелерин, но тие завршија неуспешно, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Мустафа Акинџи и лидерот на грчката Влада, Никос Анастасијадис, на синоќешната средба како гости на специјалниот советник за Кипар на генералниот секретар на ОН разговарале во врска со фазата во која се наоѓаат преговорите, како и за нивното понатамошно продолжување.
Во писменото соопштение на мировните сили на ОН во Кипар се истакнува дека лидерите се договориле преговорите да продолжат веднаш.
„Лидерите одлучија преговорачите да продолжат со средбите, со цел да се постигне напредок за сите нерешени прашања“, се наведува во соопштението.
Во соопштението се вели дека со цел да се изнајде севкупно решение, лидерите Акинџи и Анастасијадис во најскоро можно време ќе остварат средба.
„Лидерите одлучија на 9 јануари 2017 да се сретнат во Женева. Страните на 11 јануари 2017 година ќе ги презентираат сопствените мапи. На 12 јануари ќе се одржи меѓународен состанок на којшто ќе присуствуваат и земјите-гаранти. Ако има потреба, на конференцијата ќе бидат повикани и други земји“, се вели во соопштението.
Преговорите за Кипар со посредство на специјалниот советник на генералниот секретар на ОН Еспен Барт Еиде, повторно започнаа на 15 мај 2015 година, по доаѓањето на Мустафа Акинџи на должноста претседател. Преговорите што се одржаа на 20-21 ноември во Швајцарскиот град Мон Пелерин беа неуспешни, затоа што грчкиот лидер не ги направи очекуваните чекори во оваа насока.
Целта на самитот во Мон Пелерин, кој беше продолжение на разговорите одржани на 7-11 ноември беше да се разговара за критериумите за прашањето на територијата и за утврдување на датумот на „конференцијата на петте“.