Ekip
02 Декември 2016•Ажурирај: 02 Декември 2016
ПЕКИНГ (AA) – Во Кина, земјата којашто е фасцинирана од приказната за прекоокеанскиот брод „Титаник“, започна да се гради реплика на потонатиот брод, прва од таков вид, во реална големина, јавува Anadolu Agency (AA).
Бродот долг 300 метри се гради во бродоградилиштето Вучанг. Според планот, тој би требало да биде изграден до крајот на 2018 година и ќе остане трајно закотвен како туристичка атракција во провинцијата Сичуан.
Управата на Вучанг за локалните медиуми соопшти дека нивниот брод ќе биде веродостојна реплика на оригиналниот „Титаник“, со салон за вечера, театар, кабини во луксузна прва класа и базен.
Меѓутоа, бродот нема да може да отплови од вештачкото езеро во бродското село, каде што ќе биде закотвен, иако посетителите ќе имаат можност да ручаат или да преноќат во него.
Оригиналниот „Титаник“ потона во 1912 година, по ударот во ледена санта. Во бродоломот загинаа повеќе од 1.500 луѓе.
Филмот на Џејмс Камерун за трагедијата на „Титаник“, од 1997 година, беше меѓу првите странски филмови што влегоа во кината во модерна Кина и доживеа таква полуларност, што тогашниот претседател Џанг Цемин, наводно, им препорачал на сите членови на Комунистичката партија да го погледнат.
За потребите на снимањето на филмот на Камерун, беше изградена реплика на бродот, но со димензии 90 отсто од големината на оригиналниот „Титаник“.
Компанијата „Вучанг“ е во сопственост на кинеската Влада и гради нуклеарни подморници.