Rania R.a. Abushamala
01 Април 2025•Ажурирај: 02 Април 2025
ГАЗА/ ИСТАНБУЛ (АА) – Најмалку 1.513 хуманитарни работници се убиени, а стотици медицински и цивилни објекти се уништени од почетокот на израелската воена офанзива во Појасот Газа од 7 октомври 2023 година досега, соопшти денес Канцеларијата за медиуми на Владата во Газа, јавува Анадолу.
„Бројот на убиени од медицинските тимови достигна 1.402, исто така, беа убиени 111 припадници на Цивилната заштита, со што вкупниот број убиени хуманитарни работници се искачи на 1.513 од почетокот на агресијата“, се вели во соопштението.
Најновиот израелски напад врз Рафа, во јужниот дел на Газа, во кој беа убиени членови на палестинската Црвена полумесечина и Цивилната заштита, уште еднаш ги истакна опасностите со кои се соочуваат хуманитарните работници што секојдневно ги ризикуваат своите животи за да спасат други и да достават помош.
Палестинската Црвена полумесечина во неделата соопшти дека се пронајдени телата на 14 убиени лица по израелскиот напад, меѓу кои осуммина хуманитарни работници од организацијата, петмина припадници на Цивилната заштита и еден вработен во агенција на ОН.
Ова се случи само неколку дена откако Палестинската цивилна заштита објави дека го извлекла телото на еден од своите убиени членови, со што бројот на убиени во овој напад се искачи на 15.
Коментирајќи го нападот, Филип Лазарини, генерален комесар на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), на социјалната мрежа X ја потврди смртта на уште двајца колеги од УНРВА и осуммина палестински хуманитарни работници од Црвената полумесечина.
„Ова го зголемува бројот на убиени хуманитарни работници на 408, а повеќе од 280 од нив се вработени во УНРВА од почетокот на војната пред 1,5 година.“
„Напаѓањето или загрозувањето на итните служби, новинарите и хуманитарните работници претставува флагрантно и сериозно кршење на меѓународното право“, нагласи тој, додавајќи дека „мора да има одговорност“.
Подоцна Евро-Мед Монитор за човекови права, со седиште во Женева, нападот го нарече „најголема масовна егзекуција на хуманитарни работници во модерната војна“.
Израел започна ненадејна воздушна кампања врз Појасот Газа на 18 март, убивајќи повеќе од 1.000 лица и ранувајќи над 2.000, со што беше прекинат јануарскиот договор за прекин на огнот и размена на затвореници меѓу Израел и палестинското движење Хамас.
Од почетокот на израелската воена офанзива во октомври 2023 година во Газа се убиени повеќе од 50.000 Палестинци, при што повеќето жртви се жени и деца.
Во ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант, обвинувајќи ги за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Истовремено, Израел се соочува со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната против енклавата.