Ahmed Asmar
01 Април 2025•Ажурирај: 02 Април 2025
АНКАРА (АА) - Три лица загинаа, а седум се повредени во израелскиот воздушен напад врз јужното предградие на Бејрут утринава, во последното израелско прекршување на договорот за прекин на огнот, соопшти либанското Министерство за здравство, јавува Анадолу.
Либанската државна новинска агенција ННА претходно соопшти дека нападот е дел од најновата серија на прекршување на договорот за прекин на огнот.
Во соопштението на израелската армија се тврди дека цел бил припадник на Хезболах што претставувал „непосредна закана за израелските цивили“.
Израелски борбени авиони бомбардираа и уништија зграда во населбата Хадат во јужните предградија на Бејрут, што го означи првиот израелски напад врз областа по договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Либан на 27 ноември 2024 година.
Прекинот на огнот стапи на сила во Либан во ноември, со што се стави крај на повеќемесечната прекугранична војна меѓу Израел и Хезболах, која ескалираше во целосен конфликт во септември.
Либанските власти објавија над 1.250 израелски прекршувања на прекинот на огнот, вклучително и најмалку 100 жртви и повеќе од 330 повредени.
Според договорот за прекин на огнот, Израел требаше целосно да се повлече од Јужен Либан до 26 јануари, но рокот беше продолжен до 18 февруари откако тој одби да го исполни. Сè уште има воено присуство на пет гранични пункта.