Mahmoud Barakat
09 Април 2018•Ажурирај: 09 Април 2018
РАМАЛА (АА) - Палестинската тинејџерка Ахед ал-Тамими, на која ѝ се суди поради удирање израелски војник на окупираниот Западен Брег, за време на повеќечасовното сослушување на израелските власти беше жртва на вербално вознемирување, соопшти нејзиното семејство, пренесува Anadolu Agency (AA).
На видео снимката, која нејзиниот татко ја покажа на прес-конференцијата во Рамала, се гледа како израелски разузнавач ја испрашува палестинската тинејџерка ѝ упатува коментари кои нејзиното семејство ги смета за вербално вознемирување.
„Ти си убава девојка. Твојата коса е плава, твоето лице е розеникаво, би требало да бидеш на море, а не во притвор“, вели припадникот на израелската разузнавачка служба.
Басем ал-Тамими истакна дека неговата ќерка била подложена на 12-часовно сослушување при кое добила закани за приведување на членови од семејството и пријателите.
Двочасовниот видео запис успеа да го добие нејзиниот адвокат, а семејството Тамими поднесе жалба против израелскиот разузнавач.
„Израелската окупација нема чест, но ние ѝ пружаме отпор со сите можни средства“, изјави Басем ал-Тамими.
Ахед ал-Тамими на 21 март ја прифати спогодбата со Изралескиот воен суд според која оваа шеснаесетгодишна девојка ќе помине осум месеци во затвор.
Ал Тамими стана херој на палестинскиот отпор откако на 15 декември удри израелски војник, а нејзината мајка Нериман ал-Тамими, сето тоа го пренесуваше во живо на социјалната мрежа Фејсбук (Facebook).
Израелските војници извршија рација во нејзиното село, по што тинејџерката е уапсена.
Нејзиниот адвокат не ги потврди информациите за судската спогодба, но претходно изјави дека обвинителството понудило спогодба.
Палестинската тинејџерка имаше 16 години во времето на нападот, а обвинета е по 12 точки, меѓу кои и за физички напад. Нејзината мајка и роднина се исто така уапсени и казнети.
Нејзиниот случај привлече големо меѓународно внимание, а организацијата „Amnesty International“ (Амнести Интернашнал) ја нарече Ал Тамими палестинска Роза Паркс, афро-американска активистка за човекови права и кројачка која американскиот Конгрес ја прогласи за мајка на модерното Движење за човекови права.