Ayşe Aktaş
23 Август 2017•Ажурирај: 24 Август 2017
АНКАРА (АА) - Американското списание за бизнис и економија „Forbes“ (Форбс) ја објави листата на актери и актерки од светот кои најмногу заработија во последнава година, јавува Anadolu Agency (AA).
Секоја година, „Forbes“ ја подготвува листата на актери и актерки од светот кои најмногу заработуваат, а на листата подготвена за периодот од 1 јуни 2016 до 1 јуни 2017 година, на првото место, со заработени 68 милиони долари се најде американскиот актер Марк Волберг. Поранешните генерации се сеќаваат на него како член на позната музичка група „New Kids on the Block“ (Њу кидс он д`блок) и по прекарот Марки Марк.
Втор на листата на најплатени актери во светот е Двејн Џонсон, со 65 милиони долари, а третопласиран е Вин Дизел, познат по серијата филмови „Брзи и бесни“, со заработени 54,5 милиони долари.
На листата на 30 актери кои најмногу заработуваат во филмската индустрија се наоѓаат 21 маж и 9 жени.
Ема Стоун е прва на листата меѓу актерките, со заработени 26 милиони долари, а се наоѓа на 15. место на заедничката листа на најплатени во светот.
Според светската листа на заработка за дадениот период, првите 10 актери заработиле вкупно 488,5 милиони долари, додека 10 најплатените актерки заработиле 172,5 милиони долари.
На листата на најплатени светски актери, меѓу првите 10 се најдоа кинескиот актер Џеки Чен и Индијците Шах Рук Хан, Салман Хан и Акшај Кумар.