Övünç Kutlu
13 Јули 2017•Ажурирај: 14 Јули 2017
ЊУЈОРК (АА) - Далас Каубојс (Dallas Cowboys) од НФЛ лигата на американскиот фудбал и оваа година е највредниот клуб во светот, објави списанието „Forbes“, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Каубоите“ втора година по ред се прогласени за највреден спортски тим, чија вредност се проценува на 4,2 милијарди долари, што е зголемување од пет отсто во однос на последната листа.
Иако од 1995 година го нема освоено Супер Боул, односно ја нема освоено титулата шампион во професионалната лига, клубот продолжува да ја зголемува својата вредност на пазарот.
Вториот највреден клуб е американскиот безбол тим „New York Yankees“ (Њујорк Јенкис), вреден 3,7 милијарди американски долари. Ова претставува зголемување на вредноста за девет отсто во однос на минатата година, кога клубот го освои четвртото место.
Трет на листата највредни клубови е фудбалскиот клуб Манчестер Јунајтед (3,7 милијарди долари), додека на четвртото место се искачи Барселона (3,6 милијарди долари).
Реал Мадрид е петти највреден клуб во светот (3,6 милијарди долари), а вредноста на „кралскиот клуб“ се намали за два отсто во однос на минатата година. Клубот од Мадрид три години по ред беше највреден спортски тим, но минатата година е сменет од врвот на листата.
И оваа година на листата 50 највредни спортски тимови доминираа американските клубови, од кои осум се од професионалната безбол лига (MLB), седум од професионалната кошаркарска лига (NBA) и 29 од НФЛ лигата.
Меѓу највредните клубови од листата на „Forbes“ се наоѓаат уште четири европски фудбалски клуба: Баерн Минхен (15. место), Манчестер Сити (35. место), Арсенал (43. место) и Челзи (46. место).