АНКАРА
Новиот тип на коронавирусот (2019-nCoV), што се појави во кинескиот град Вухан во покраината Хубеи, кој беше именуван како „мистериозна болест“ бидејќи во почетокот не се знаеше причината за болеста, до денес се распространи во повеќе од 25 земји и региони, од кои поголемиот дел се во Азија, пишува Агенција Анадолија (АА).
Вирусот на целата територија на Кина досега предизвика 259 смртни случаи, а од овој вирус се заразени 11.791 лице. Вирусот истовремено се нарекува и „Вухан вирус“ поради местото на кое е првпат забележан.

Новиот вид коронавирус се пренесува преку воздухот при дишење, кивање и кашлање, а први знаци на заразеност се висока температура, болки во грлото, останување без здив, отежнато дишење и дијареја.
Во натамошните фази вирусот предизвикува пневмонија и откажување на бубрезите, што може да резултира со смрт.
- Вирусот е детектиран во над 25 земји и региони -
Надвор од териториите на Кина, носители на вирусот се забележани во специјалните административни региони Хонгконг и Макао, во Тајван и во земјите од регионот Тајланд, Јужна Кореја, Јапонија, Сингапур, Виетнам, Малезија, Шри Ланка, Камбоџа, Непал, Индија и Филипини.
Новиот тип на коронавирус преку луѓето коишто патувале во Кина се пренесе и во Франција, Италија, В. Британија, Германија, Шведска, Шпанија, Финска, Русија, Канада, САД, Австралија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).
Листата на региони и земји од светот според бројот на заразени лица изгледа вака:
Во Специјалниот Административен Регион Хонгконг изнесува 13, а во Специјалниот Административен Регион Макао 7, Тајван 10, Тајланд 9, Сингапур 16, Јапонија 15, Австралија 9, Малезија 8, Јужна Кореја 11, Германија 7, САД 6, Франција 6, Виетнам 5, ОАЕ 4, Канада 3, Италија 2, Русија 2, В. Британија 2 и по еден носител на вирусот во Индија, Непал, Камбоџа, Шри Ланка, Филипини, Финска, Шведска и Шпанија.
- Голем број авиокомпании ги откажаа летовите кон Кина -
Поради вирусот што се појави во декември и се пренесе во другите делови од светот преку луѓето кои за Нова година ја посетија Кина, голем број авиокомпании од Азиско-пацифичкиот Регион, од Европа, Блискиот Исток и Африка привремено ги запреа летовите кон Кина.
Канадската авиокомпанија „Ер Канада“, американските авиокомпании „Делта“ и „Американ ерлајнс“ и руската авиокомпанија „Урал“ објавија дека поради епидемијата од коронавирусот ги запреле своите летови кон 4 града во Кина.
„Туркиш ерлајнс“ (THY) објави дека до 9 февруари се запрени летовите кон Пекинг, Шангај, Гуангџоу и Шијан.
Од друга страна, САД, Јапонија, Јужна Кореја, Нов Зеланд, Сингапур, Индија, Малезија и Турција по потврдувањето на епидемијата со новиот тип на коронавирусот, со специјални летови започнаа да ги евакуираат нивните граѓани што се наоѓаа во градот Вухан.
Голем број европски земји како што се Шпанија, Италија, Португалија, В. Британија, Франција, Хрватска, Унгарија поради епидемијата започнаа активности за евакуирање на нивните државјани што се наоѓаат во кинескиот град Вухан. Европејците коишто се наоѓаа во градот Вухан вчера со два одделни авиони пристигнаа во Франција и В. Британија.
Додека голем број држави како САД, Јапонија, Индонезија, Казахстан, В. Британија и Турција ги предупредуваат своите граѓани за патувањето во Кина поради епидемијата, одреден број земји како Франција, Германија, Австралија, Финска, Нов Зеланд, Канада на своите граѓани им советуваат да не патуваат во кинеската покраина Хубеи (освен ако тоа не е неопходно).
- Соседите на Кина ги затвораат своите граници -
Русија, која има копнена граница со Кина, поради новиот тип на коронавирусот донесе одлука за затворање на границите со Кина и за ограничување на визите за кинеските граѓани.
Монголија објави дека ја затвора границата со Кина.
Казахстан донесе одлука со која ја запира работата во делот што се наоѓа во нејзините граници во слободната економска зона „Хоргош“ на границата со Кина.
Пакистан поради опасноста од епидемијата го одложи за април отворањето на единствената граница со Кина.
Од друга страна, додека кинескиот Специјален Административен Регион Хонгконг го суспендираше копнениот и железничкиот сообраќај со Кина, Тајван поради новиот тип коронавирус, освен за службени патувања и некои исклучителни ситуации, го забрани влезот на островот од Кина.
- Светската здравствена организација прогласи меѓународна вонредна состојба -
Комитетот за вонредни состојби на Светската здравствена организација (СЗО) на состанокот што се одржа завчера прогласи „меѓународна вонредна здравствена состојба“ поради новиот тип на коронавирусот што се појави во Кина.
СЗО вчера упати предупредување во кое се вели дека затворањето на границите кон оваа земја поради епидемијата предизвикана од новиот тип на коронавирусот ќе предизвика изнаоѓање на илегални патишта за влегување во Кина, што би предизвикало уште поголемо распространување на епидемијата.
- Новиот вид на коронавирусот -
Новиот вид на коронавирусот за првпат е регистриран во кинескиот град Вухан на 12 декември 2019 година.
Против овој вирус, од кој во Кина секојдневно сериозно се зголемува бројот на починати, засега нема ниту вакцина ниту каков било друг лек. Се претпоставува дека епидемијата започнала на пазарот за морски производи „Хуанан“ во градот Вухан, што во моментов е затворен.
Во научните истражувања поврзани со новиот тип на коронавирус е откриено дека генезата на вирусот потекнува од кинеските видови на лилјаци и змии, поради што сè додека не заврши епидемијата, во Кина е забранета трговијата со диви животни.
Поради брзото распространување на вирусот од Вухан во другите кинески градови и покраини, од 22 јануари прекинат е јавниот превоз во 17 помали и поголеми градови во покраината Хубеи.
Администрацијата на Пекинг во рамките на борбата против епидемијата презеде различни мерки, при што е донесена одлука за забрана на влезот во градот Вухан, а излезот ќе биде дозволен само во исклучителни случаи.